„Деновиве во македонските медиуми се појави отворено писмо од поголема група хонорарни соработници на ИФФК Браќа Манаки во кое тие ја информираат јавноста за неисплаќањето на средствата од страна на Агенцијата за филм кон фестивалот, пари кои агенцијата беше должна да ги исплати пред пет месеци, и за долговите во кои ‘се дави’ фестивалот. Повеќето од овие луѓе живеат од својата хонорарна работа, со право си ги бараат заработените пари и го разбираме и го почитуваме нивниот напор да ни помогнат да ги разрешиме финансиските проблеми на фестивалот“, соопшти Дамевски.
Тој потенцира дека писмото не потекнува од ИФФК Браќа Манаки.
„Писмото не потекнува од фестивалот, како што погрешно беше објавено, туку од споменатата група на хонорарни соработници, луѓе без кои фестивалот немаше да биде толку успешен и за што сме им бескрајно благодарни“, посочи Дамевски.
Како што појаснува, раководството на ИФФК Браќа Манаки веќе подолго време е во редовна комуникација со министерот за култура и туризам и се работи на изнаоѓање на одредени решенија. Напомена дека промената на раководното лице во Агенцијата за филм е едно од тие решенија и наскоро ќе биде назначен нов директор.
„Министерството за култура и туризам и Владата прават сериозни напори да се откочат процесите во филмската дејност и ние тоа го почитуваме, затоа што знаеме дека се грижат и се посветени на поддршката и помош на фестивалот и на филмската дејност во целост, како меѓународно најуспешна дејност во македонската култура во последниве години. Разбираме дека наследените проблеми не се решаваат преку ноќ исто како што разбираме дека и членовите на фестивалскиот тим треба да ги израдуваат своите деца со новогодишни подароци“, додаде Дамевски.