петок, 10 јануари 2025

Дали треба да пиеме кафе само наутро

Оние кои пијат кафе пред ручек имаат помал ризик од смрт, покажува една анализа, но бенефитот исчезнува за оние кои го пијат во текот на денот.

Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Луѓето кои уживаат во кафето наутро постигнуваат здравствени придобивки кои ги нема кај оние кои го пијат подоцна во текот на денот, покажаа резултатите од првото големо истражување за придобивките од кафето во зависност од времето на консумирање.

Анализата на консумацијата на кафе кај повеќе од 40.000 возрасни лица покажа дека оние кои пијат утринско кафе имале 16 отсто помал ризик од смрт од која било причина и 31 отсто помал ризик од смрт од кардиоваскуларни болести во текот на 10-годишно следење, во споредба со оние кои не пиеле кафе.

Сепак, истражувачите откриле дека придобивките за здравјето на срцето исчезнале кај луѓето кои пиеле кафе во текот на денот, бидејќи медицинските досиеја не покажуваат значително намалување на смртноста кај нив во споредба со оние кои избегнувале кафе.

„Не е важно само дали пиете кафе или колку пиете, туку и кога го консумирате“, вели професорот Лу Чи, експерт за исхрана и епидемиологија на Универзитетот Тулан во Њу Орлеанс. „Ние обично не даваме совети за времето на консумирање во упатствата за исхрана, но можеби тоа е нешто за што треба да размислиме во иднина“.

Студијата се потпираше на навиките во исхраната на 40.725 возрасни лица – вклучувајќи ја количината на кафе што ја консумирале и времето кога го испиле – кои учествувале во Националното истражување за здравјето и исхраната на САД помеѓу 1999 и 2018 година. Околу 36 отсто од испитаниците пиеле утринско кафе, додека 16 отсто пиеле кафе подоцна во текот на денот.

Според студијата, оние кои пијат утринско кафе имале помал ризик од смрт, без разлика дали се умерени потрошувачи со две до три шолји дневно или оние кои пиеле повеќе. Здравствените придобивки биле помали за оние кои испиле само една шолја наутро. Ризиците беа проценети со анализа на медицинската документација на учесниците во период од девет до десет години по нивното вклучување во студијата.

Студијата сугерира дека утринската доза кафе е подобра за срцето отколку вечерната, но не објаснува зошто. Едно можно објаснување е дека употребата на кафе подоцна во текот на денот може да го наруши деноноќниот ритам и нивото на хормони како што е мелатонин. Ова, пак, влијае на спиењето, воспаленијата и крвниот притисок, а сето тоа може да му наштети на здравјето на срцето.

Најновата студија се надоврзува на студија од 2022 година, спроведена во Обединетото Кралство, која покажа дека луѓето кои пијат до три шолји кафе дневно имаат поздрави срца од оние кои не пијат.

Научниците советуваат да не се пие повеќе од четири шолји дневно, бидејќи големи количини може да го зголемат крвниот притисок. Бремените жени не треба да консумираат повеќе од 200 мг кофеин дневно за да избегнат поголем ризик од мала тежина при раѓање и спонтан абортус. Шолја филтер кафе содржи околу 140 мг кофеин, пренесува Гардијан.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ