петок, 26 јули 2024
Од расправата на собраниска комисија

Дали по Ана Павловска Данева следен за уставен судија е Бранко Црвенковски, прашаа од ВМРО-ДПМНЕ

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не го спори професионалниот и научен капацитет на универзитетската професорка Ана Павловска Данева таа да може квалитетно да ја извршува функцијата уставен судија, но смета дека е тоа партиски предлог на СДСМ со цел критички настроената професорка да ја спречат да замине во друго партиско јато. Од СДСМ велат дека таа е критички настроена кон власта и дека не е партиски предлог зашто одамна не е член ниту на најмалата партиска организација.

Објавено на

часот

Сподели

Според пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, Павлова Данева е партиски предлог, оти, како што рекоа, претходно таа била и потпретседател на СДСМ.

Благица Лашкоска рече дека би било добро избирањето на член за уставен судија да се направи на начин со присуство на седница и одговарање на прашањата на пратениците.

„Никој од нас нема проблем со биографијата на професорката Павлова Данева. По однос на професијата и по однос на компетенциите што треба да ги има во уставен суд, нема што да коментирам. Потпретседател на партија предлагате да биде член на Уставен суд. И сега ќе кажете дека тоа било одамна. Добро, но и тоа е наведено. Немам дилема по однос на нејзиниот квалитет. Но, потпретседател на СДСМ се предлага да биде уставен судија. Што е следно? Бранко Црвенковски да биде претседател на Уставен суд?“, рече Ласовска.

Пратеникот Диме Велковски од СДСМ смета дека кандидатката Павлова Данева има и образование, култура на однесување, државотворност и интегритет за да биде избрана за нов член на Уставниот суд.

„Мислам дека е добро што таа е предложена за кандидат, бидејќи десет години буквално нема никаква политичка активност во смисла на членување во високи тела во партија. Била пратеничка. Ви тврдам дека нема никакво членство ниту во партијата од каде што јас доаѓам, ниту е во ниту најмалата основна органзација. Професорката има и интегритет и доблест да покаже што знае и умее. Убеден сум во тоа. Оваа кандидатка има и образование и култура на однесување и државотворност и интегритет. Со овој избор добро е да се дооформи Уставниот суд со цел да функционира онака како што е по Устав и закон. Со избирањето на професорката Данева само ќе се зајакне капацитетот“, рече Велковски.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Петрушевска во процедурална забелешка побара претседателката на Комисијата да ја прекине расправата по оваа точка и да биде повлечен предлогот Данева да биде избрана за устаен судија.

Д-р Ана Павловска-Данева е редовен професор на научната област Административно право и јавна администрација на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Родена на 22.02.1973 година во Скопје.

Студиите ги започнала на Правниот факултет при Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“ во Москва, а во 1993 година дипломирала на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистрирала во 1998 година на тема „Омбудсман – заштитник на правата и слободите на граѓаните“. Истата година била избрана за помлад асистент на научната област Управно право на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а веќе следната 1999 година била избрана за асистент. Во 2004 година, се стекнала со научен степен доктор на правни науки, со одбрана на докторската дисертација на тема „Управни договори“ и е избрана за доцент на научната област управно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“, по што напредува во звањата и станува вонреден професор (2009 година) и редовен професор (2013 година).

Предлогот Данева да биде нова уставна судијка дојде откако на 24 јануари во Собранието по речиси година и половина расправа беше повлечен предлогот за Љубомир Јовески да биде уставен судија. Тој тогаш изјави дека изненадувачки и вулгарно било тоа предлогот да биде повлечен без да се наведат основни причини за тоа поради што му била нанесена штета.

Уставниот суд подолг период работи во некомплетен состав, бидејќи постапката за избор на нови членови заглави во Собранието.

Седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата се очекува да продолжи попладне, откако претседателката на Комисијата Марија Георгиевска даде пауза.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ