сабота, 27 јули 2024
Зоран Дабиќ

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Од дипломатската торба

Дали Османи може да стане претседател и зошто не?

Во овој пред кампањски период повторно еден месијански настап на министерот за надворешни работи Бујар Османи кој пред почетокот на трката е најактивен во фаќањето пол позиција. И повторно се чудам на нивото на самозалажување. Верувам дека е толку разборит што влегува во трката за претседател во име на партискиот интерес на ДУИ, но во определени моменти тој сѐ почесто се надминува себе си.

Од неговата биографија се гледа тека тој мошне сериозно се однесува кон својата кариера, што ќе рече дека без око да му трепне гази, што се вика „преку лешови“ и дека внимателно го подготвува секој следен чекор со нескриена цел да дојде до врвот. Но, како што раката на кошаркарот во последната секунда затреперува, така и Бујар сѐ потешко ја крие својата вистинска природа и ја расипува грижливо проектираната слика за себе, како сериозен и со грижливо набрани веѓи политичар.

Како никој од останатите кандидати во трката за претседател, Бујар Османи како министер за надворешни работи имаше шанса да изгради толку силна перцепција во јавноста, што се чини со леснотија би прелетал над останатите против кандидати. Само требаше да биде успешен министер и да си ги надмине етничките лимити.

Но… наместо да стане првиот македонски политичар со албанско етничко потекло што со квалитет би го придобил гласачкото тело вон етничките граници, како министер за надворешни работи тој фрли низ вода сѐ за што грижливо се подготвуваше со години.

Со криумчарење на тнр. француски предлог во МНР и злоупотреба на најискусните дипломати, Османи покажа крајна нетранспарентност и голема доза на кукавичлук и неподготвеност да презема одговорност за своите одлуки и постапки.

Наместо да биде, како што самиот вели дека е должност на  еден претседател, морален компас и да сплотува и деескалира, тој во истата таа 2022 година им се закани на македонските граѓани дека доколку не го прифатат францускиот предлог Македонија ќе влезе во циклус на нестабилност и небезбедност. Излажа и око не му трепна. Токму тој се обиде да ја загрози безбедноста преку лажни закани. Големо мнозинство на Македонците пројавија несогласување со овој предлог, но тој и неговата Влада на сила и со евтина игра го прифатија истиот, цепејќи ги граѓаните на политички и етнички план, а особено разбивајќи го македонското национално ткиво на две спротивставени страни.

Како што се доближуваа изборите така тој на моменти почна да го губи трпениете и на неколку пати во разговори со поцврсти новинари имаше изблици на национално-романтичарски комплекси.

Османи не штеди зборови да се пофали со своето големо меѓународно искуство. Бил најдобар министер за здравство, одличен министер за европски прашања, најуспешен министер за надворешни работи, претседавач со ОБСЕ. Како дипломат кој целиот свој работен век го поминал во МНР, ќе си дадам за слобода да ги оценам последните два сегменти од неговата кариера.

По природа на работите, позицијата министер за надворешни работи дава огромни можности за самопромовирање. Патувања, сликања, средби со видни светски личности (нешто што неговиот претходник Димитров ни денес не може да го прежали, но нејсе…   тоа е друга тажна прикзна). Од таа позиција со два збора можеш да ги тресеш медиумите и насловните страни. Но, наместо да работи на смирување, сплотување, хармонизација и деполаризација, Бујар Османи ја потроши годината на претседавањето со ОБСЕ на самопромовирање, за неговиот следен чекор.

Претседавањето со ОБСЕ во 2023 година, кое според него било најголем меѓународен настан во Македонија, целосно се заборави веќе на 1 јануари 2024 година. Причината е едноставна. Бујар не направи ама баш ништо по што претседавањето би останало запаметено. Токму спротивното, тој остана запомнат по мегаломанските глупости што ги промовираше, како на пример префрлување на децениските преговори помеѓу Ерменија и Азербејџан во Охрид, град познат во светот по добрата клима за преговори, вмешување во долгогодишниот спор помеѓу Србија и Косово без овластување од ОБСЕ и најбесмислената, вплеткување  на ОБСЕ во преговорите помеѓу Израел и Хамаз. Како цреша на врвот на шлагот, Османи се пофали дека тој го спасил ОБСЕ од распаѓање, што на познавачите им натера солзи на очи од смеење.

Османи активно продолжи со девастирањето на МНР, што пред него го започна Димитров. Двајцата најлоши министри за надворешни работи во историјата на Македонија го централизираа министерството до таа мерка што денес од МНР остана да работи само кабинетот на министерот, додека целата структура, од директорите надолу е оставена да гнили. Некогашниот дипломатски филтер каде што предметите се разгледуваат од најдолу до горе, пред да стигнат до министерот, одамна не постои.  Тој самиот тајно си носи одлуки, иако понекогаш сепак ги користи дипломатите но само за да се сокрие зад нив за своите одлуки.

Наместо да го обедини, тој го разедини МНР.

Го претвори МНР од една угледна институција во партиско трло на ДУИ.

Ги претвори амбасадите и конзулатите на Македонија низ светот во награди на партиски лотарии, рушејќи го нивниот квалитет и доведувајќи ги до исмејување во земјите на приемот.

Директно спречуваше искусни дипломати да станат директори на меѓународни организации само затоа што не се во неговата сфера на партиски интерес, препуштајќи им веќе ветени позиции на други држави.

Зад себе остави пустош во МНР на професионален план и јавашлак видлив од авион, како неподносливо валканите тоалети и распуштен дрес код.

Деструктивно се однесуваше кон најважните асети (вредностите, способностите) на министерството – луѓето. Целосно изолираше дваесетина најискусни дипломати, од кои голем број амбасадори, кои веќе неколку години не добиваат никаква работа, а уште помалку информации за тоа што се случува со куќата. Спречи унапредување на голем број помлади дипломати, но затоа по брза постапка унапреди педесетина партиско/етнички пулени.

Особено лош впечаток и кај вработените и во народот остави неговата патетична изјава дека ако еден месец не земел плата, ќе морал да се задолжува. Неговите вкупни месечни фамилијарни примања (МНР, АЕК, дневници) веројатно изнесуваат околу 5.000 евра месечно. Просто, да го сожали човек. Не е ни чудо што Македонскиот дипломатски синдикат реагирал солидарно, како што доликува и ставил некоја паричка во кутијата за доброволни прилози пред МНР. Тука Бујар целосно се посрамоти, а и неговиот трагичен пи ар, кој имаше многу светли моменти во минатото, со зелената агенда, дипломатските тротинети и велосипеди, вработените самите да се предлагаат за амбасадори и слично.

Македонија е доволно зрела да одбере. И не, нема Бујар да испадне од трката затоа што е етнички Албанец. Ќе испадне од трката затоа што сѐ уште не е дораснат да се издигне над своите етнички и нарцисоидни лимити. А тоа веќе го согледува и неговото традиционално гласачко тело, кое на овие избори ќе биде преполовено.

Амбасадор Зоран Дабиќ

ГК на ВМРО-ДПМНЕ

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ