сабота, 21 декември 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Дали ковидот ја одреди иднината на човештвото?

 

Откако пред три години Светската здравствена организација прогласи глобална пандемија, во оваа прва постковид есен, во релативно поподносливи околности за научно-академско истражување на прашањето што му се случи на светот и дали успешно ѝ се спротивстави на пандемијата, различни авторитети се обидуваат да дадат свои одговори и перспективи.

„Потоа, овие две тесно поврзани дијагнози беа ребрендирани во застрашувачка болест наречена ‘Ковид-19’. Никој повеќе не добиваше настинка. Никој повеќе не добиваше грип. Луѓето сега добиваат RSV, но тоа е затоа што Фајзер има нова вакцина што треба да ја продаде за да се излечите од тоа! Во суштина, по 2019 година, сè што личело на шмркање и кивање станало Ковид“, вели Шахтел.

Иако многумина ваквото симплифицирано објаснување би го оцениле како ненаучно, па и како теорија на заговор, сепак, само објективна и емпириски заснована анализа на мерките кои беа преземени против Ковидот, може да даде одговор дали навистина Ковидот беше нешто повеќе од обична настинка и грип, и дали мерките против коронавирусот кои беа преземени беа мотивирани единствено (или најмногу) од хуманистички мотиви да се заштити човештвото од новиот вирус.

Колку беше оправдана изолацијата?

Една од главните мерки беше изолацијата, во која луѓето со месеци остануваа заклучени во своите домови и беа воведувани полициски часови, а нивно прекршување имаше и застрашувачки последици како полициско пукање и убиства на поединци кои за време на забраната се нашле надвор.

Денес, перспективите се еволуирани, така што оние кои порано изразувале скептицизам и се нарекувале „ковидиоти“ и теоретичари на заговор, сè повеќе стануваат меинстрим. Според неодамна објавените податоци, Шведска, една од најмалку затворените земји во светот, севкупно поминала подобро од државите со порестриктивни јурисдикции.

И германската влада која водела ревносен режим на Ковид, кој вклучувал повеќекратни заклучувања, задолжително тестирање, маскирање и задолжително вакцинирање, сега е подложна на критика. И тоа од сопствениот министер за здравство Карл Лаутербах, кој ја спроведувал таквата политика. Се оди и чекор понатаму: сега тој се соочува со голем број тужби за штети од вакцини.

Во САД, главниот медицински советник на претседателот Бајден, Ентони Фаучи се соочил со жестоки испрашувања пред американскиот Конгрес поради наводното финансирање на истражување за вирусот, како би добил функција, за кое некои сметаат дека ја предизвикало пандемијата.

За разлика од западниот политички естаблишмент, во поголемиот дел од светот во развој ваквите мерки на ограничувања поради Ковид се сметале за сурови од самиот почеток на нивното наметнување. Како што покажало истражувањето на добротворната организација Колатерал Глобал, меѓу 2020 и 2022 година, милиони луѓе ширум светот страдале од недостаток на храна и губење на образование или егзистенција.

Други биле затворани во сиромашни квартови или тепани од испаничената полиција. Ескалацијата на нивото на националниот долг и глобалната инфлација довеле до тоа половина од земјите со низок и понизок среден приход да ги намалат здравствените буџети за време на пандемијата, додека две третини од земјите со низок и понизок среден приход ги намалиле трошоците за образование.

Субвенциите за храна и гориво, кои служеле како спас за сиромашните, биле намалени поради растежот на отплатата на долговите. За земји како Судан, штедењето се покажало како трагично.

Имајќи ги предвид овие факти, денес апсурдно и лицемерно звучи кога ќе се каже некогаш популарниот рефрен, кој постојано беше повторуван додека траеше пандемијата, дека „сите сме заедно во ова“. Особено ако се соочите со податокот дека во тригодишната ера на Ковидот, од една страна се создадени 500 нови милијардери, а од друга се починати 228.000 деца во Јужна Азија, поради укинување на здравствените услуги (според извештај на ОН).

Звучи ли познато Орвеловото пророштво од „Животинска фарма“ дека „сите животни се еднакви, но некои се поеднакви од другите“!? Некои тоа го нарекуваат „здравствен колонијализам“ поради уште едно наметнување на штедење врз сиромашните во светот: од Индија до Кенија и од Аргентина до Сенегал.

Дали вакцините беа спасот?

Освен изолацијата, вакцините беа другото контроверзно прашање на кое мора да се даде одговори пред, евентуалниот, нов бран на Ковид-19 оваа есен. На почетокот на пандемијата, најавувани како спас за човештвото од коронавирусот, тие поминаа траекторија на промена: од – сигурно ќе ве заштитат да не се заразите, преку – шансите да се заразите ви се помали отколку ако не сте вакцинирани, до – нема гаранција дека нема да се заразите, но ќе имате полесна клиничка слика.

За на крај, да се заврши со објаснувањето дека и вакцинираните умираат од Ковид, но во многу помал број (?!).

За ковид скептиците, ова значеше дека сè во кампањата за вакцините беше релативно, бидејќи секоја наредна изјава ја побивала претходната, отсуствувала научна верификација, втемелена на емпириска база од краткорочен, среднорочен и долгорочен временски период, која би укажала за можните контраиндикации и несакани ефекти од вакцинирањето.

Само декларативно се тврдело дека вакцините се потполно безбедни и дека нема никаква опасност од нивно примање. Меѓутоа, никој не сакал да стави сопствен потпис и писмено да го гарантира тоа.

А за применетата медицина и фармакологија, времето е најважниот параметар во кој се следи аплицирањето на еден лек кој е достапен на пазарот и се детерминира неговата успешност, односно дали и колку има животно загрозувачки контраиндикации.

Се сеќава ли денес некој на некогаш најпопуларниот лек за спречување киселина во желудник „Ранитидин“? Овој лек, откриен во Англија во 1976, а 1981 пуштен во комерцијална употреба, после 38 години примена, во 2019 година итно, буквално за 24 часа беше повлечен од употреба, бидејќи се утврдило дека можел да предизвика карцином на желудник.

Каква е временската дистанца и фидбек за вакцините на краток, среден и долг рок? Дали денес Светската здравствена организација и националните здравствени системи спроведуваат истражувања кои статистички следат колку од починатите од најразлични патологии биле вакцинирани од Ковид или не? Има ли статистички показатели дали смртноста на вакцинираните од други болести е зголемена или намалена во однос на оние кои не се вакцинирани? Дали вакцината претставува фактор на коморбидитет за другите заболувања или не?

Додека на јавноста не ѝ се понудат одговори на овие прашања, разбирливо е дека дел од неа со скепса ќе гледа на вакцината и ќе смета дека постои широк таен заговор, мотивиран од финансиски интереси, но и од опскурни агенди за депопулизација на човештвото.

Освен како претпоставка, никој во моментов не може авторитетно, научно стратифицирано и холистички, да тврди дека во иднина вакцината нема да предизвика здравствени последици за оној кој ја примил, ниту дека е исклучено дека преку родителите нема да се пренесат некакви фетални аномалии и малформации.

Секако дека тоа не значи, според искуството со Ранитидинот, дека требало да се чека 40 години за да се одобри вакцината за Ковид. Mеѓутоа, правото за слободен избор да се вакцинираш или не, морало да биде појдовната точка, наместо луѓето да се приморуваат да го направат тоа.

Недовербата кон здравствените авторитети и институции експлицитно ја искажал и американскиот конгресмен Рон Пол во неговата колумна „Новата ‘варијанта’ на Ковид – токму навреме за изборната сезона!“, во која пишува: „Тие дури и нема да нѝ дозволат да го спомнеме порастот на смртност или милионите кои можеби биле здравствено загрозени од вакцината. Тие сакаат да веруваме дека 20-годишните спортисти, кои се во полна физичка сила, отсекогаш умирале само од срцев удар. Сè е нормално и ништо не доведувајте во прашање! Затоа што ќе бидете некој вид теоретичар на заговори и некој кој ја негира науката“.

Што бара Светската здравствена организација?

Во постковид состојбата, која се карактеризира со целосна поларизираност (за дел од јавноста политичките авторитети и институции се дискредитирани, а медицинската наука компромитирана и обвинета дека ги продала своите принципи, кодекс и етика заради утилитаризам), далеку од очите на јавноста, Светското здравствено собрание (СЗС), тело за одлучување на Светската здравствена организација (СЗО), го одржало својот годишен состанок во мај 2023 година.

На овој состанок биле предложени за усвојување неколку амандмани, кои за некои држави-членки биле оценети како контроверзни и неприфатливи.

Според предложените амандмани од СЗО за Меѓународните здравствени регулативи (МЗР), кои датираат уште од 2005 година, дополнително ќе се прошират ресурсите и овластувањата на СЗО, особено оние на генералниот директор, кој може самостојно да прогласува итни случаи на било која точка од светот. Дефинициите за пандемии и здравствени итни случаи би се смениле за да ги вклучат и оние кои имаат потенцијал да предизвикаат штета, наместо, како што е сега, само оние што предизвикуваат вистинска штета.

Измените што се разгледуваат опфаќаат затворање на границите, карантини и медицински прегледи на граѓаните. СЗО, исто така, ќе може да споделува податоци за земјата без нејзина експлицитна согласност. Со предложените амандмани се бара СЗО да ги зајакне своите капацитети на глобално ниво за „спротивставување на дезинформации и лажни вести“. Сите такви мерки за првпат треба да станат обврзувачки за државите членки.

Во друг предложен амандман на МЗР се предвидуваат ограничувања: од патувања до затворање бизниси и од собирање податоци од владите и приватниот сектор до борба против „погрешни“ или „лажни информации“ (согласно вистината како што е дефинирана од СЗО).

Контроверзноста продолжува и во делот кој го поддржува таканареченото истражување на „добивање на функција“. Во нацрт-текстот се наведува дека безбедносните стандарди што го регулираат истражувањето за „генетски менувања на организмите за да се зголеми нивната патогеност и преносливост“, не треба „да создаваат непотребни административни пречки за истражување“.

Со други зборови, она за што Ентони Фаучи бил непријатно испрашуван пред Конгресот, со новиот договор би било дозволено. За некои, овој јазик е алармантно попустлив, со оглед на можноста Ковид-19 да потекнува од истекување од лабораторија.

На контроверзните амандмани се осврнува и Сајмон Рин во својата анализа „Пандемична политика: обликување на идната глобална здравствена реакција“, во која укажува дека е јасно – ако критички укажете на неприфатливоста на вака формулираните амандмани дека веднаш ќе бидете ставени во групата на хардкор скептици кои ги толкуваат потезите на СЗО како дел од поширокиот „глобалистички“ заговор против демократијата. Но, и оние поумерените, кои се само критични за неодамнешните политики за „Ковид-19“ или за севкупното досие на СЗО, исто така, не се импресионирани од амандманите, пишува авторот Рин.

Според неговите оценки, противниците на зголемените овластувања на СЗО имаат глобален дострел. „Позициите на државите за овие прашања беа откриени на 75-тиот состанок на Светското здравствено собрание во 2022 година, каде администрацијата на Џо Бајден поднела 13 предлог амандмани на МЗР. Групацијата на земјите во развој (LMIC), во која биле вклучени многу африкански држави, Малезија и Иран, го блокирале овој потег. Боцвана лобирала 47 африкански земји да се спротивстават на предложените амандмани на МЗР и на развојот на нов договор за пандемијата“, заклучува Рин.

Гледајќи го списокот на држави кои единствено се спротиставуваат на брзо и некритичко прифаќање на амандманите, се добива впечаток дека азиско-африканските земји се единствените кои се противат на наметнатите барања на СЗО и ја обвинуваат за неспособност, корпоративно заробување од страна на фармако индустријата, авторитаризам и здравствен колонијализам.

На одржаното Собрание, Мрежата од Третиот свет тврдела дека СЗО ги маргинализирала земјите-членки во корист на приватните финансиери кога станувало збор за вакцините против Ковид-19. Исто така, истакнале дека финансирањето на СЗО од државите членки постепено се намалувало, а 80% од буџетот сега се полнел од доброволни прилози, од кои најголемиот дел биле од приватни фондации и фармацевтски компании.

Еве уште неколку забелешки од Собранието, кои се однесувале на работата на СЗО за време на пандемијата:

  1. СЗО ги преувеличувала стапките на смртност и ги игнорирала доказите за ризикот поврзан со возраста – потези кои го зголемиле стравот.
  2. Откако СЗО еднаш ги отфрлила системите за „проверување и трага“ како неетички и неефикасни, на крајот ги одобрила кога се променила политиката.
  3. СЗО ги отфрлила придобивките од природниот имунитет.
  4. По раната посета на Кина, персоналот на СЗО целосно го одобрил затворањето (“lockdown”), покажувајќи мала грижа за заштитата на човековите права и без било каква проценка на ризикот.
  5. Кога се доведуваат во прашање одлуките на СЗО, се чини дека таа го задушува несогласувањето и поинаквото мислење, наместо да дебатира за укажаните докази.

Крајниот рок за да се гласа за амандманите на МЗР и Договорот за пандемијата е мај 2024.

Дали Ковид-19 ќе биде вовед во тоталитаризам?

По сите овие укажувања, заклучокот на ковид скептиците се гледа на хоризонтот: Ковидот е пример како еден глобален здравствен проблем се трансформирал во иманентно политичко-финансиски интерес. Во таквиот реалитет, нормално е, според нив, и мерките кои биле преземени да биле, пред сè, политички мотивирани, а медицинската струка да била инструментализирана.

Ако кон ова се додадат и примерите со цензурата на поинакво мислење на Фејсбук, за кои сведочел пред Конгресот во јуни 2023 основачот на Фејсбук, Марк Цукерберг, стравот на дел од јавноста од дистопиското време кое му претстои на човештвото не е само параноја и теорија на заговор, особено ако предложените амандмани на СЗО бидат усвоени.

                                                                                                                                          д-р Ненад Живановски

                                                                                                                                     (Преземено од Республика)

КОЛУМНИ

Данијела Зорчец

Справување со булингот кај децата со тешкотии во развојот

Бернд Ригерт

Западен Балкан остана без конкретни ветувања од ЕУ

Димитар Љоровски Вамваковски

Непозната историја

Чарлс Купчан Синан Улген

Обновата на Сирија по падот на Асад

Мурат Алиу

Македонија меѓу идентитетот и опстанокот

Ристо Цицонков

Топлински пумпи – развој и разни можности за греење на просториите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ