Се работи за уред кој поседува инструмент од типот Аeroqual AQS-1. Класата на точност за мерење на PM честички е во две мерења и ги опфаќа честичките PM1, PM2.5; PM 10 и TSP. Опсегот на големина на честичките е од 0.1микрометар до 40 микрометри. Мерењата ќе се вршат согласност стандардите и директивите на ЕУ, информира Општината.
„Исполнуваме уште едно ветување од мојата предизборна програма, кое што на нашите жители ќе им обезбеди увид во квалитетот на воздухот во близина на фабриката Цементарница УСЈЕ АД Скопје. Како локална самоуправа, Општина Кисела Вода прави се што е во рамки на своите ингеренции за на граѓаните да им обезбеди поквалитетен воздух и подобра еколошка средина. На потег се сега надлежните, односно неминовна е потребата од неселективен ангажман на градот Скопје и на централната власт преку своите ресорни министерства, кои имаат ингеренции над овој индустриски капацитет, бидејќи здравјето на граѓаните мора да биде на прво место“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Во изминатите две години, рече тој, ставена е во функција мерната станица кај Домот на култура „Билјана Беличанец”, секоја година по неколку пати се организираат масовни акции за пошумување, се доделуваат субвенции за набавка на печки на пелети и на пелети како еколошки енергенс, а интензивно се работи на имплементација на проекти за енергетска ефикасност.