петок, 28 март 2025

Дали флуорот во водата за пиење ја намалува интелигенцијата кај децата

Американската сојузна држава Јута повеќе не додава флуор во водата за пиење. Иако придонесува за здравјето на забите, флуоридот често се обвинува за намалување на интелигенцијата кај децата. Сепак, тоа е сложена тема што не треба да се сфаќа лесно.

Фото: Пиксабej

Објавено на

часот

Сподели

Флуорот во водата за пиење во САД е вообичаена појава. Згора на тоа, имајќи предвид дека од 1945 година, односно од почетокот на додавањето флуор во водата, бројот на случаи на кариес нагло се намалил, Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) оценува дека оваа мерка е „една од десетте најголеми интервенции во јавното здравство на 20 век“.

Флуоридите се соли на флуороводородна киселина. Тие помагаат во таканаречената реминерализација на забната глеѓ и на тој начин го намалуваат ризикот од кариес.

И покрај ова, Јута неодамна стана првата сојузна држава во САД што одлучи постепено да го укине флуорот во водата за пиење.

Американскиот министер за здравство Роберт Кенеди, уште пред инаугурацијата на претседателот Доналд Трамп, на мрежата Икс објави дека има намера да го запре флуорирањето на водата за пиење – меѓу другото, затоа што, според него, флуоридот е невротоксичен и го намалува коефициентот на интелигенција, особено кај децата чии мозоци сѐ уште се развиваат.

Прашањето дали флуоридот може да ја намали интелигенцијата кај децата често е предмет на научно истражување. Некои истражувања открија корелација помеѓу концентрацијата на флуор во урината на бремените жени и когнитивните способности на нивните деца: флуоридот во претерано високи концентрации може да го наруши метаболизмот на калциумот во клетките до степен до кој мозочните клетки се оштетени.

Мета-анализа (студија на научни студии) објавена во јануари оваа година повторно ја разгоре дебатата за поврзаноста помеѓу внесувањето на флуор и интелигенцијата.

Јан Хенгстлер, лекар специјализиран за фармакологија и токсикологија на Техничкиот универзитет во Дортмунд, се занимавал со флуорот и неговите потенцијални ризици. Тој смета дека прашањето дали флуоридот може да го оштети мозокот на децата во развој е сосема оправдано.

„Тоа е сложена тема што не треба да се сфаќа лесно“, вели Хенгстлер. Студијата од 2020 година на која тој работел, заклучи дека флуоридот, на сегашните нивоа на изложеност во Европа, не е невротоксичен за човечкиот развој. Со други зборови: дозата е клучна.

Според ЦДЦ на САД, еден литар вода во САД содржи 0,7 милиграми флуор, што одговара на дневната доза препорачана од Националниот институт за здравје (НИХ) за деца на возраст од една до три години. Возрасните мажи треба да консумираат не повеќе од четири милиграми флуор дневно, додека препорачаниот максимум за возрасни жени е три милиграми.

Проблемот со флуорот е што во многу земји не се додава само во водата за пиење, туку и во пастата за заби и солта. Покрај тоа, одредени видови храна природно содржат флуор, како што се рибата и црниот чај.

Флуоридот природно се наоѓа и во водата, која по обработката се користи како вода за пиење во зависност од регионот и во поголеми или помали количини. Затоа е од клучно значење здравствените власти да го следат снабдувањето со флуор во одредени региони, нагласува Хенгстлер.

Германското здружение за исхрана (ДГЕ) и токсикологот Хенгстлер претпочитаат да пресметуваат според телесната тежина, препорачувајќи максимум 0,05 милиграми флуор по килограм телесна тежина дневно.

„Внесувањето на флуор не треба да биде ниту премногу ниско, ниту превисоко. Идеалната количина е 0,05 мг флуор на килограм телесна тежина дневно. Ова го спречува кариесот, а во исто време не се приближува до вредностите што можат да предизвикаат забна или скелетна флуороза. Водата за пиење во никој случај не треба да содржи повеќе од 1,5 мг флуор на литар“, изјави Хенгстлер.

„Ако концентрацијата на флуор во водата надмине четири милиграми на литар, може да дојде до дентална флуороза“, објаснува Хенгстлер. Забната флуороза се манифестира со појава на кафени дамки на забите и е јасен знак за прекумерно внесување на флуор.

„При концентрација од десет милиграми флуор на литар вода може да се развие скелетна флуороза“, додава токсикологот. Оваа состојба доведува до кршливи коски и болни промени во зглобовите.

„Во експериментите со животни е забележано дека флуоридот може да има невротоксични ефекти“, вели Хенгстлер. „Но, тоа се случуваше во дози кои беа повеќе од сто пати повисоки од она што луѓето можат да го внесат“. Во толку високи дози, флуоридот може да ги оштети телесните клетки.

Сепак, контролата на употребата на флуор не е можна во сите делови на светот.

„Во одредени, претежно рурални области, да речеме Монголија или во внатрешноста на Кина, има региони каде што изложеноста на флуор е или превисока или премногу ниска, а општото ниво на здравствена заштита треба да биде подобро“.

Лошата здравствена заштита често се поврзува со пониско образование и послаб животен стандард. Ова води до друг проблем: студиите за влијанието на флуорот често се оптоварени со бројни фактори кои ја нарушуваат точноста на резултатите, таканаречените „фактори за збунување“.

Ова е особено изразено во пресек студии, каде примерок од популација се испитува само еднаш. На овој начин не е лесно да се утврди дали пониската интелигенција е навистина последица на внесување на флуор или тоа е поради некоја друга причина.

„Сепак, постојат и долгорочни студии кои ги земаат предвид овие фактори“, вели Хенгстлер.

Во таквите истражувања, познати како лонгитудинални студии, субјектите се следат во долг временски период. Резултатите од тие истражувања спроведени во Европа и Канада покажуваат: оние кои не ја надминуваат препорачаната дневна доза на флуор, немаат причина да се грижат за својата интелигенција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ