сабота, 27 јули 2024
По потписот на министерот Лога на Упатството за водење на матични книги

Дали етничката припадност во уверенијата ќе го урне граѓанскиот концепт на државата

Објавено на

часот

Сподели

Според Уставот, слободното изразување на националната припадност и соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа е гарантирано човеково право.

Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба. Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба“, пишува во Уставот.

Оттука и стравувањата на експертите дека наметнатата обврска за етничка припадност во документите од матичните книги може да доведе до уривање на концептот на граѓанско општество.

Изјаснувањето на етничката припадност го урива концептот на граѓанска држава

Сличен обид за внесување обврска за определување на етничката припадност во документите имаше пред две години кога беа предложени измени на Законот за лична карта со кои се предвидуваше внесување на етничката припадност на граѓаните во личните карти.

Во оваа смисла, она што е заедничко за документите од Матичната книга и за личната карта како личен документ е тоа што целта, како што образложуваат од власта, да се обезбеди правична застапеност но и да се стопираат злоупотребите при вработувањето во јавниот сектор.

Во врска со ова Хелсншкиот комитет за човекови права даде правен осврт и мислење според кој „внесувањето графа за етничка припадност го редефинира значењето на личната карта со тоа што го подрива граѓанскиот идентитет за сметка на етничкиот и ја предизвикува интеграцијата на државата во Европската Унија заради тоа што ниту една земја членка на Унијата нема воспоставено ваква практика“.

Анализата на Хелсиншки тргнува од Уставот според кој слободното изразување на националната припадност и соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа е дел темелните вредности на уставниот поредок.

„Токму во средиштето на членот 8 став 1 алинеја 2 од Уставот веројатно треба да се бараат мотивите на предлогот за внесување на етничката припадност на граѓаните во нивните личните карти. Предлагачот најверојатно ги имал на ум огласите за вработување во јавната администрација за кои согласно Законот за државните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор, еден од условите на огласот е наведување на етничката припадност на кандидатот, која за конкретното работно место ја дава таканаречениот балансер. Досега поведени се десетици постапки пред судовите, во кои одбиените кандидати како тужители, меѓу другото барале да се утврди незаконитост на постапката за вработување. Сепак судската пракса е едногласна. Слободното изразување на етничката припадност е израз на лично убедување и претставува уставно загарантирано право“, пишува во дел од правниот соврт на Хелсиншкиот комитет од февруари 2021 година.

Истовремено, правичната застапеност, пишува во освртот на Хелсиншки, на сите заедници во органите на државната власт е уставно загарантирано право.

„Но тука се поставува прашањето, дали внесувањето етничка припадност во личните карти го помогнува или одмогнува овој процес,  Конкретно, се поставува прашањето дали внесувањето етничка припадност во личните карти, во светло на темелната уставна вредност – правична застапеност, всушност ја вулгаризира оваа уставна вредност, затоа што се стреми да ја претвори во ригидна математичка застапеност, при што задолжителното изјаснување за етничката припадност при внесувањето на податоците во личната карта, ќе значи еден вид запечатена писмена изјава за етничката припадност, што понатаму ќе ги спречи судовите да го толкуваат слободното изразување на националната припадност во либерално-демократскиот дух на уставот“, се наведува во правниот осврт на Хелсиншкиот комитет.

Имајќи ја предвид социоекомомската состојба во државата, па оттаму и примавливоста на вработувањето во органите на државната управа, Хелсиншкиот комитет го постави прашањето дали задолжителното внесување на етничката припадност во личните карти ќе значи всушност отворена врата за автоасимилирање на помалите етнички заедници и нивно постепено претопување во двете доминантни етнички заедници.

„Дополнително, во делот на правичната застапеност на заедниците постои впечаток дека помалите етнички заедници се само набљудувачи на процесот, имајќи предвид дека меѓуетничките односи во јавниот дискурс доминантно се претставени како односи меѓу двете најголеми етнички заедници. Конкретно, иако декларативно се прогласува декада на Ромите, сепак за оваа маргинализирана етничка заедница, позитивната дискриминација во никој случај не може да биде исполнета со наведувањето на нивната етничка припадност во личните карти. Напротив, речиси секоја година се нотираат примери на полициска бруталност и дискриминација врз Ромите, токму заради нивната етничка припадност. Затоа, разбирлива е негативната реакција на ромските здруженија кои веќе изразија загриженост за последиците кои можат да произлезат од овој предлог-закон“, сметаат од Хелсиншкиот комитет, став објавен преку Правниот осврт и мислење.

Споредувајќи ги податоците во личните карти на граѓаните-државјани на 134 држави во светот, од Хелсишниот комитет утврдиле дека компаративните искуства укажуваат на негативните импликации на внесувањето етничка или религиска припадност во личните карти.

„Поради ова, повеќе држави во годините наназад или целосно го напуштија овој пристап, или го направија опционално внесувањето на етничката припадност во личните карти, односно оставија на граѓаните да одлучат дали етничката припадност ќе биде внесена во нивната лична карта. Сепак, имајќи ја предвид стратешката определба на Република Северна Македонија за полноправно членство во Европската унија, повторно е потребно да се нотира фактот дека ниту една земја членка не предвидела внесување на етничката припадност во личните карти на нивните граѓани. Конечно,  во насока на доследно почитување и исполнување на темелната уставна вредност за соодветната и правична застапеност на граѓаните во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, македонското општество на располагање има низа начини за подобрување на состојбите кои треба да започнат од образованието, економијата и социјалната политика, а без притоа да се задира во уставната темелна вредност на слободното изразување на националната, односно етничка припадност“, заклучиле во својот правен осврт од Хелсиншкиот комитет.

Заштитата на личните податоци е уставно загарантирано право

Уште една спорна ситуација која се наметнува со новите правила, а тоа е кој и како ќе ја гарантира безбедноста на личните податоци затоа што освен забраната од дискриминација по основа на национална припадност, Уставот ги гарантира и сигурноста и тајноста на личните податоци.

„Се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци. На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците“, пишува во Уставот.

А во Упатството за водење матични книги пишува дека матичните книги се заклучуваат на крајот на секоја календарска година со внесување на годината.

Поради ова МКД. Мк испрати прашања до Министерството за правда за да дознае дали со Упатство може да се ограничи право затоа што во Уставот пишува дека тоа може да се направи само со закон, со судска одлука или во време на воена или вонредна состојба. Побаравме одговор и на прашањата, дали со секој документ што ќе ни биде потребен од Управата за водење матични книги ќе треба да се изјаснуваме за етничката припадност, што ако во период помеѓу вадење на два документи граѓанинот сака да се изјасни дека се чувствува поинаку од претходно и дали граѓаните ќе мора секоја година да се изјаснуваат за етничката припадност со оглед на фактот дека матичните книги се заклучуваат еднаш годишно на крајот на календарската година.

Испративме прашања и до Комисијата за заштита од диксриминација за да добиеме одговори дали изјаснувањето по етничка припадност во документите од матичните книги е дискриминаторски, дали и на кој начин комисијата има законски надлежности да реагира на оваа наметната обврска на Владата и ако има надлежност дали и какви чекори ќе преземе во врска со ова?

Кога редакцијата ќе ги добие одговорите на испратените прашања тие веднаш ќе бидат објавени.

Како што соопштија вчера од Министерството за правда, Упатството ќе стапи на сила по истекот на осум дена од објавувањето во Служнбен весник за изводите на родените додека за другите изводи поради финансиски импликации, Упатството ќе започне да се применува од 1 јануари 2024 година.

Една од причините за ова е тоа што Министерството за правда сака да стави крај на проблемот со лажните декларирања на етничката припадност при вработување и злоупотреба на балансерот за правична етничка застапеност во одредени институции.

                                                                                                                                                                      И.О.

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ