четврток, 2 јануари 2025
Светлана Јовановска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Дали 2025 ќе биде годината на Трамп?

Америка на Трамп е Америка со слобода без граници во трговијата и со високо оданочување на земјите кои сакаат да продаваат во САД. Ова се однесува и на европските земји. Идејата на Трамп е да ја ослободи Америка од правила и да го врати американското лидерство, преку враќање на американскиот идентитет и ставање крај на имиграцијата и со депортација на повеќе милиони мигранти без регулиран престој.
Фото: Пиксабеј

„Нема ништо погрешно во надворешната одбранбена политика на Америка што не може да се излечи со малку храброст. Америка треба да престане да плаќа за да ги брани земјите кои можат да си дозволат да се бранат“.

Овие зборови се напишани во 1987 година во „Њујорк Тајмс“, од тогаш 41-годишниот Доналд Трамп, милијардер кој уште во тоа време, дискретно ги најавува своите политички, а зошто не, и претседателски амбиции. Колумната ја платил 100.000 долари. Уште во тоа време Трамп сметал дека либералниот свет не е праведен со САД. За него, би било најдобро САД да се ослободат од нивните меѓународни обврски, да престанат воено да се ангажираат во светот и да се посветат на самите себеси.

Но, тоа време не беше време на Трамп. За оние кои се убедени дека Трамп нема вистинска агенда и дека неговата единствена желба е да биде на власт, овие негови зборови треба да внесат ново светло во светските анализи. Трамп точно знае што сака и неопходен му е втор мандат за да ја спроведе својата политика.

Во своите поранешни интервјуа, во 90-те години како и во колумната во „Њујорк Тајмс“, Трамп по име ги спомнува тие за коишто Америка не треба да плаќа: Јапонија, Јужна Кореја или Кувајт. Во интервју кај Опра Винфри тој вели дека Кувајт би требало да плати 25 отсто од своите приходи од нафтата, затоа што благодарение на САД, Кувајт може да ја продаде. Накусо, овие земји ја користат Америка, а тоа ништо не ги чини. „Оданочете ги богатите земји, а не Америка“, вели тој.

„Царина е толку убав збор“

Новиот Трамп не ги заборавил овие барања или желби, но тој сака Америка да биде моќна (со неговиот слоган „America First“) на друг начин. Не со бомби, туку со трговија.

„Царина е толку убав збор“, веројатно се сеќавате на изјавата на Трамп во текот на кампањата. Тој нема намера да ги прати генералите и војниците дома. Според неговата политика, воените американски интервенции во светот, како тие во Авганистан или Ирак, треба да заминат во историја, но војската да остане активна. Ако затреба.

Стратегијата на Трамп е економски протекционизам и не смее да се тврди дека тоа е изненадување за кого било. Тоа значи дека администрацијата на Трамп ќе воведе големи царини за увезената стока. Неговиот предложен план вклучува царини од 10-20% за целиот увоз и неверојатни 60% (а можеби и повеќе) за кинески стоки. Цел е да се ​​намали трговскиот дефицит на САД и да се поттикне домашното производство.

Америка на Трамп е Америка со слобода без граници во трговијата и високо оданочување на земјите кои сакаат да продаваат во САД. Ова се однесува и на европските земји, на пример, на германските автомобили кои се продаваат во САД. Идејата на Трамп е да ја ослободи Америка од правила и да го врати американското лидерство. Преку враќање на американскиот идентитет и ставање крај на имиграцијата со депортација на повеќе милиони мигранти без регулиран престој.

Новиот царински план на Трамп за Европа значи дека европските стоки ќе бидат поскапи и со време ќе се намали нивниот увоз во САД. ЕУ тврди дека ќе возврати и тоа ќе доведе до еден вид трговска војна помеѓу Кина, САД и ЕУ. Во таа војна, Европа ќе треба да си го бара местото и да не биде растргната помеѓу економските врски со Кина и тензијата со САД.

Прашање е дали со текот на времето цените ќе се адаптираат на локалните економии или ќе останат високи. Дали во Европа ќе дојде до недостиг на економска безбедност и дали таа ќе мора да ги трпи колатералните последици од трговската глобална војна? Тоа се прашањата на кои Европа засега нема одговор, а нејзините лидери засега не покажуваат знаци дека ќе засукаат ракави да го бранат континентот од овие предизвици.

Европската комисија (ЕК), во Генералниот секретаријат, формираше група која неофицијално се нарекува „Трамп оперативна група“ за да се подготви, пред сé, од трговски аспект, за доаѓањето на новиот претседател на САД.

НАТО

Трамп не ги заборавил ни европските сојузници и уште во 1987 година, се прашува зошто Германија не плаќа доволно и зошто Америка треба да биде на чело на европската одбрана.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, му честиташе на Трамп за победата како што и доликува.

„Кога новоизбраниот претседател Трамп ќе се врати на функцијата на 20 јануари, ќе биде пречекан од посилна, поширока и пообединета Алијанса. Две третини од сојузниците сега трошат најмалку 2% од својот БДП за одбрана, а трошоците за одбрана и производството се зголемуваат низ Алијансата“, вели Руте во својата честитка, како да сака да му порача на Трамп дека ситуацијата е далеку подобра од таа во неговиот прв мандат во 2016 година.

Во секој случај, стравувањата дека Америка на Трамп ќе излезе од НАТО не се многу кредибилни, па дури ни тогаш кога ги споменува Трамп. Но, многу е веројатен некој вид на реформа на НАТО, во која, просто речено, тие што плаќаат ќе имаат поголема поддршка од САД.

Политико“ го цитира Елбриџ Колби, автор на Националната стратегија за одбрана на Трамп, кој вели дека САД не можат повеќе да прават „10 пати повеќе од она што го прават Германците и мора да бидеме подготвени да бидеме строги со нив„“ и додава дека е добро НАТО да остане активен, но дека оваа институција треба да ја води Европа.

Правна држава

Она што нас треба да нé загрижи е крајот што го најавува Трамп во контролата на правната држава. Трамп уште не влегол во Белата куќа, а веќе имаме елоквентен пример како би изгледало американското мешање во правната држава. Примерот доаѓа од новиот министер за владина ефикасност Елон Маск.

Судот во Рим ѝ зададе удар на контроверзната стратегија на премиерката на Италија, Џорџа Мелони, за делокализирање на мигрантите во Албанија. Првиот обид, во октомври, се однесуваше на 12 мигранти од Бангладеш и Египет што требаше да бидат пратени во Албанија, но беше брзо отфрлен од судот во Рим поради дефиницијата на Италија за „безбедни“ земји. Италијанскиот закон дозволува одредени мигранти да бидат пратени во Албанија само доколку доаѓаат од „безбедни“ земји. Потоа, италијанското судство во понеделникот на 11 ноември го отфрли притворот за 7 лица во центрите за мигранти во Албанија и го предаде случајот на Европскиот суд за човекови права.

Првиот пат судиите се соочија со „твит“ на Мелони која вети дека ќе стори сé за да го исполни ветувањето дадено на гласачите. Но, вториот пат дојде реакција од онаа страна на Алтантикот, од новиот министер за „владина ефикасност“ на Доналд Трамп – Елон Маск. Според него, како што напиша на Х – „Ова е неприфатливо“. Маск праша и дали „Народот на Италија живее во демократија или неизбрана автократија ги носи одлуките?“

Дури и италијанскиот претседател Серџо Матарела на 13 ноември реагираше на ова мешање во внатрешната политика. „Секој – особено ако се подготвува, како што е најавено – да заземе важна улога во владата на пријателска и сојузничка земја – мора да го почитува суверенитетот) и не може да дава лекции“, се вели во пораката на Матарела.

Треба ли ЕУ или Македонија да бидат загрижени поради доаѓањето на Трамп во Белата куќа? Примерот на Италија дава потврден одговор на ова прашање. Мешањето на Маск во правната држава во Италија е, кусо речено, заплашувачко и невообичаено.

Балкан

Oдлуките на Трамп во другите светски досиеја може да донесат промени и во нашиот регион. И може да ги зајакнат националистичките лидери на Балканот.

Во Србија дојде до експлозија на радост кај приврзаниците на Вучиќ на веста дека Трамп ќе седне во Белата куќа.

Според анализата на Европскиот совет за надворешни работи, новата администрација на Трамп ќе ја смени американската позиција за регионот во промоција на американските интереси.

Така, Владата на Србија ќе се обиде да соработува со новата администрација на Трамп, во надеж дека ќе успее да ги оствари плановите на Александар Вучиќ за размена на територии со српските општини на Косово. Анализата потсетува дека заканите на Ричард Гренел, поранешен амбасадор на САД во Германија и специјален пратеник на првиот мандат на Трамп на Косово, за повлекување на американскиот контингент во мировните сили на КФОР, исто така, помогнале да се собори првата влада на Албин Курти во 2020 година.

Аналитичарите сметаат дека Србија би можела да добие „експлицитна политичка поддршка“. Тука од помош може да биде Унгарецот Виктор Орбан кој е близок партнер на Србија и близок со Трамп. Орбан би можел да направи притисок во Брисел за забрзување на процесот на пристапување на Србија, дури и без напредок во дијалогот со Косово. Молчењето на ЕУ и на САД за актуелните протести во Србија можат да бидат показател за идните потези на Трамп во регионот.

Ричард Гренел има фирма, заедно со зетот на Трамп, Џаред Кушнер, и планови за луксузен хотелски комплекс во Белград, на местото на старото југословенско Министерство за одбрана.

При посетата на Белград во мај 2024 година, Кушнер официјално го објави своето учество во проектот и се состана со Вучиќ за да разговара за плановите за повторен развој. Тие вклучуваат споменик „посветен на жртвите на агресијата на НАТО“.

Албанија одобри два проекта на ќерката и зетот на Трамп, во регионот Вјоса Нарта, за проекти за луксузни недвижнини, во вредност од околу 1,5 милијарди долари. Станува збор за остров во Медитеранот и за Сазан, поранешна воена база. Албанските еколози се загрижени и велат дека овие планови ќе ги уништат засолништата за птици и песочните области каде што се размножуваат и гнездат морските желки.

Српските националисти во Босна и Херцеговина во јули усвоија Декларација за заштита на националните и политички права и заедничката иднина на српскиот народ со која се обидуваат да ја поништат постдејтонската спогодба во Босна и Херцеговина и го потврдуваат Косово како нераскинлив дел од Србија.

Засега не гледаме дека Трамп има планови за Северна Македонија. Нашите политичари, вклучувајќи го и лидерот на опозицијата Венко Филипче, испратија срдечни честитки до Трамп по неговиот избор.

Така, претседателката Гордана Силјановска Давкова изрази уверување дека „во наредниот период нашето стратешко партнерство ќе се унапредува и збогатува и дека САД ќе помогнат во исполнувањето на стратешките цели на Македонија“.

Премиерот Христијан Мицкоски напиша дека победата на Трамп е потврда за длабоката верба на американскиот народ во принципите на слободата и демократијата. Тој очекува „продлабочување на нашето силно партнерство и соработка, особено во областите на безбедноста, економскиот развој и демократските реформи“.

Главното прашање на кое засега нема одговор е дали новата администрација на САД ќе се ангажира во решавањето на проблемот со уставните измени помеѓу Македонија и Бугарија. Според интервјуто за МИА на поранешниот амбасадор на Македонија во Вашингтон Васко Наумовски, цел на САД е целосна стабилизација на Балканот и негова интеграција во ЕУ, и сите прашања коишто се поврзани со оваа тема, секако би можеле да бидат дел од потезите коишто САД ќе ги влечат во овој регион во наредниот период.

Накусо, администрацијата на Бајден веројатно успеа да спречи распаѓање на босанската држава и вооружена ескалација меѓу Србија и Косово што, без сомнение би имале големо влијание и кај нас. Сепак, со новиот мандат на Трамп, оваа кревка ситуација би можела да се влоши. Од ЕУ ќе се очекува поактивно ангажирање за конечна стабилизација на овој регион и забрзување на ЕУ интеграцијата на балканските држави. ЕУ не може да продолжи да повторува како проширувањето е за неа приоритет, а да не презема конкретни чекори.

Нема дилема дека Балканот нема да биде приоритет за администрацијата на Доналд Трамп. Проблемите со Кина, Украина или Блискиот Исток ќе фрлат сенка врз Балканот. Така беше и за време на претходниот мандат на Трамп и засега, нема индиции дека тоа може да се смени.

Светлана Јовановска

(Преземено од Республика)

КОЛУМНИ

Рајко Пеколски

Земја

Данијела Зорчец

Предизвикувачки однесувања кај деца со тешкотии во развојот: Што треба да...

Ристо Цицонков

Енергетска ефикасност – УКИМ треба дабиде добар пример

Сања Божиновска

Eнергетската иднина на Македонија се гради денес

Андреј Мачковски

Преку космичко зрачење до археолошко датирање

Ненад Мицов

Доброволна сексуална работа – мит, сензација или реалност?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ