сабота, 27 јули 2024

Дачиќ: Србија во 41-ва го одби Хитлер, а во 48-ма му кажа „не“ на Сталин

„Србија спроведува самостојна и суверена надворешна политика водејќи се од интересите на својот народ“, порача шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ оценувајќи ги како навредливи изјавите на одделни западни дипломати дека Србија е „нечија продолжена рака“.

ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Чија продолжена рака сме биле на 27 март 1941 кога сме одбиле да му се придружиме на пактот на Хитлер, во 1948 кога сме му кажале „не“ на Сталин, сме ја осудиле воената интервенција во Чехословачка, војната во Виетнам или убиството на Патрис Лумумба“, праша Дачиќ на новогодишниот прием за членовите на дипломатскиот кор.

Дачиќ праша и чија продолжена рака е Приштина кога 10-11 години ѝ проаѓа тоа што не го спроведува Бриселскиот договор, чиј гарант е Европската Унија. Наведе дека бил министер за надворешни работи во два мандати и дека не знае дали ќе остане на таа позиција.

Социјалистичката партија на Србија (СПС) веќе подолго од деценија ѝ е коалициски партнер на владејачката Српска напредна партија (СНС) на српскиот претседател Александар Вучиќ. На предвремените парламентарни избори на 17 декември минатата година освои неочекувано мал број гласови, 6,6 отсто, што ќе ѝ донесе само 18 пратеници во парламентот со 250 места.

„Можеби ова е последната прилика да се видиме во овој капацитет и сакам да кажам дека Србија не е ничија продолжена рака освен на нејзиниот народ и државата и таа рака нема да потпише ништо што е на штета на српскиот народ, но ќе се бори за мир и почитување на принципите на меѓународното право“, порача Дачиќ.

Истакна дека Србија „нема да ја признае еднострано прогласената независност на Косово, ни експлицитно, ни имплицитно, нема да се согласи да стане дел од Обединетите нации“. Полноправното членство во Европската Унија, додаде, останува стратегиски приоритет на Србија, која е спремна да го продолжи процесот на сеопфатни реформи.

„Србија е стара европска држава, а не некоја новокомпонирана држава“, истакна Дачиќ. Изминатата година ја оцени како тешка „не само за Србија туку и за целиот свет“, мислејќи на конфликтите, разурнувањата, човечките жртви.

„Ја делиме болката за секој изгубен живот на Блискиот Исток и во Украина и се надеваме дека оваа година ќе ни донесе нова доверба, добро здравје и мир“, истакна српскиот министер за надворешни работи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ