понеделник, 9 декември 2024

Дачиќ го демантираше Ројтерс дека Србија ѝ испраќа оружје на Украина

Објавено на

часот

Сподели

„Србија, почитувајќи ги внатрешните и меѓународните правни акти, не извезува вооружување и воена опрема во ниедна држава доколку со тоа би овозможила избивање или продолжување на оружени судири, би го загрозила зачувувањето на регионалниот мир и безбедност или би ги загрозила своите одбранбени интереси“, наведе Дачиќ.

Новинската агенција Ројтерс, пренесувајќи податоци од протечените тајни документи на Пентагон, објави дека Србија, единствената земја во Европа, покрај Белорусија, која одби да ѝ воведе санкции на Русија поради конфликтот во Украина, се сложила да му испрати оружје на Киев, или веќе го испратила.

Документот кој претставува преглед на одговорите на европските влади на барањето на Украина за воена обука и „смртоносна помош“, односно оружје, бил меѓу десетиците тајни документи објавени онлајн во последните недели во нешто што може да биде најсериозното протекување американски тајни во повеќегодишен период, наведува агенцијата.

Под називот „Европскиот одговор на тековниот руско-украински конфликт“, документот во форма на графикон наведува „проценети ставови“ на 38 европски влади во одговорот на украинското барање воена помош.

„Првиот потпретседател на владата и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ ги демантира наводите за наводен извоз на вооружување и воена опрема во Украина, кои ги објави британската агенција Ројтерс, а ги пренесоа одредени домашни медиуми“, се наведува во соопштението на министерството за надворешни работи на Србија.

Истакна дека Србија се придржува до својата политика на неутралност и ги спроведува заклучоците на Советот за национална безбедност од февруари минатата година.

Шефот на српската дипломатија уште еднаш подвлече дека од почетокот на руската инвазија на Украина од Србија не е извезено оружје на ниедна страна во конфликтот.

Укажа дека дозволите за извоз на вооружување и воена опрема на Србија се издаваат исклучиво на купувачи со сертификат за краен корисник, во кој, меѓу другото, стои клаузула дека крајниот корисник не може да го реекспортира оружјето без согласност на надлежните институции на Србија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ