сабота, 21 декември 2024

Да се зацврстат пластениците и да се расчистат одводните канали пред најавениот дожд, препорачуваат агрометеоролзите

Да се применуваат соодветни агротехнички и превентивни мерки за зацврстување на пластениците и другите конструкции, но и да се расчистат одводните канали за полесно одлевање на површинските води, препорачуваат агрометеоролзите согласно најавите на УХМР дека под влијание на циклонска активност утре и за време на викендов ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд.

Објавено на

часот

Сподели

Дождот, нагласуваат, е потребен, зашто влажноста на почвата по долгото сушно лето значително се намали.

„Во градинарството на почетокот на месецот се сади зелената салата, а кај останатите градинарски култури се берат плодовите. И кај лозарството има берба на некои касни сорти десертно грозје. Кај поледелските култури овој месец почнува сеидбата на пченицата и јачменот. Времето на сеидбата има големо значење, бидејќи директно влијае врз времето на поникнувањето, презимувањето на растенијата, но и врз приносот. Некои сорти се сеат порано, а некои подоцна. Температурните услови диктираат кога треба да се засеат сортите во одреден регион. Се препорачува да се применуваат правилни агротехнички мерки. Доколку временските услови дозволуваат, да се продолжи и со другите агротехнички мерки“, велат агрометеоролзите од УХМР.

Тие потсетуваат дека, според прогнозата, особено во ноќта кон сабота и потоа преку денот врнежите ќе бидат пообилни, над 30 литри на метар квадратен, локално во форма на невреме, проследени со грмежи и засилен ветер кој ќе дува повремено и со брзина од над 70 километри на час.

„На почетокот на неделата ќе биде стабилно со сончеви периоди. Дождот е потребен, влажноста на почвата по долгото сушно лето значително се намали, па врнежите ќе ја надоместат и ќе овозможат успешна есенска сеидба“, истакнуваат агрометеоролзите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ