петок, 20 септември 2024
За инклузија во образовниот процес

Да се постави дијагноза и родителите да прифатат дека имаат дете со попреченост е исто толку важно како и образовните асистенти

Осумнаесетгодишна средношколка од Охрид, девојче со попреченост, наместо во почетокот на учебната година, со училиште почна на 17 септември. Таа немаше образовен асистент за да може да ѝ биде поддршка во текот на образовниот процес, а тој проблем се реши дури пред неколку дена. Нејзината мајка, која е наставничка, ни раскажа дека ќерка ѝ, а и самата таа и нејзиниот сопруг, минуваат низ многу тежок пат и според неа, не е најтешко да го вклучите детето во образовниот процес, туку најтешко е да прифатите и да му се постави дијагноза на детето, бидејќи без тоа не може да му се определи образовен асистент. Овие две нешта се подеднакво важни за децата со попреченост.

Објавено на

часот

Сподели

„Моето девојче беше со умерена попреченост, доби пореметување на хормоните и ретка болест, која влијае на психолошкиот дел. Сакав да ја заштитам од околината, но некаде во трето одделение забележавме дека не може да се социјализира, дека преживува вистински терор, дека ѝ е потреба дијагноза и поинаков пат за вклучување во образовниот процес. Тежок е тој пат, многу тежок и за родителите и за децата“, вели нашата соговорничка.

Нејзината ќерка имала неколку обиди за самоповредување, а како што вели мајката, секој родител сака детето да му е среќно.

„Таа имаше неколку обиди на самоповредување и тоа е најтешкото нешто за еден родител, кога гледате дека детето не е среќно. Со помош на образовните асистенти, но и со наша поддршка, мојата ќерка сега е четврта година средно и е сосема поинаква. Мојот апел до сите родители е дека мора да прифатат кога нивното дете има проблем, да се вложат во секоја пора од општеството за да му помогнат на детето. Мора да ја кренеме свесноста кај родителите бидејќи како наставник сум сведок дека има дечиња на кои им треба помош, кои се без поставена дијагноза, бидејќи родителите не сакаат да прифатат дека нивното дете има проблем и сметаат дека е само хиперактивно и дека ќе му помине. Но тоа не е така. Ако нема дијагноза, не може да се ангажира образовен асистент. Ако родителите се свесни и прифатат дека имаат дете со попреченост, со многу љубов може да му помогнат“, додава нашата соговорничка, мајка на дете со попреченост и наставничка.

Оваа година голем дел од децата со попреченост не почнаа навреме на училиште бидејќи не беше решен процесот со вработување на образовните асистенти. Од Владата велат дека едно од новите законски решенија за кои во моментов Министерството за образование и наука спроведува јавна дебата и секој заинтересиран може да учествува со свои сугестии и предлози во унапредување на содржината е Законот за средно образование.

„Во овој закон е предвидено формирање државни средни училишта со ресурсен центар.

Овие училишта ќе обезбедуваат поддршка за средните училишта во кои ќе има инклудирани ученици со попреченост, од материјален и кадровски аспект. Исто така и во нив ќе може да се запишуваат ученици со попреченост што учат по модифицирана програма, по избор на ученикот и родителот, односно старателот, а по препорака на службата за процена (МКФ). Начинот на нивното работење ќе биде идентичен како и основните училишта со ресурсен центар“, велат од Владата.

Народниот правобранител смета дека е потребно уште многу работа за инклузија на децата со попреченост во образованието

Народниот правобранител добива претставки од областа образование за ученици со попреченост од нивните родители, кои најчесто се однесуваат на необезбедени образовни и лични асистенти, необезбеден термин за проценка во стручните тела при Службата за функционална проценка по МКФ, што е предуслов за добивање поддршка во образование, необезбедена пристапност во училиштата и сл.

„Во моментов, откако е започната учебната 2024/2025 година, немаме добиено ниту една претставка заради необезбедени образовни асистенти. Генерално, во периодот веднаш по донесувањето на Законот за основното образование (2019 год.) зачестени беа поплаките од родители што се однесуваа на необезбедени асистенти како поддршка во наставата, но следејќи ја генерално состојбата со инклузивното образование за ученици со попреченост во основните училишта, во континуитет спроведува истражувања за кои се објавени мноштво извештаи, информации, а нотираните состојби се наведени и во годишните извештаи. Согласно со препораките на народниот правобранител доставени до МОН, кои беа во насока на зголемување на бројот на образовните асистенти, секоја учебна година Министерството за образование и наука го зголемуваше бројот на образовните асистенти. Согласно со наведеното во изминатата учебна година (2023/2024) имаше многу мал број претставки што се однесуваа на необезбедени образовни асистенти, односно доставените претставки се однесуваа за квалитетот на поддршката што ја даваат образовните асистенти, а не на проблемот на немање образовна асистенција“, велат од Канцеларијата на омбудсманот во врска со состојбата со децата со попреченост.

Народниот правобранител отвори предмет по сопствена иницијатива со цел следење на инклузивниот процес во основните училишта во учебната 2024/25 година во рамките на кој се обрати со Барање за информации до Министерството за образование и наука со цел да добијат податоци за тоа каква е подготвеноста на ресорното министерство за спроведување квалитетна инклузија за учениците со попреченост, односно го побара бројот на учениците со попреченост што ќе следат настава во основни училишта според ИОП, односно модифицирана програма, бројот на образовните асистенти што ќе им бидат на располагање на учениците со попреченост во учебната 2024/25 година.

„Доставивме Барање за информации до сите ресурсни училишни центри во земјава со цел да добиеме увид во бројот на образовните асистенти што ќе им бидат доделени во учебната 2024/25 во споредба со бројот на барањата за образовни асистенти што ги имаат добиено од училиштата, како и до Службата за функционална проценка на деца и младинци (МКФ) за бројот на образовните асистенти што ги препорачале за ученици со попреченост за учебната 2024/25 година. Постапувањето по овој предмет е во тек. Инаку, неспорно, семејствата на деца со попреченост што живеат во урбаните средини имаат на располагање поширок избор на поддршки за разлика од семејствата што живеат во руралните средини, со што покрај социјалниот ризик за семејствата од руралните средини, тие имаат имаат пристап до драматично помалку услуги. Воедно, неопходна е поголема информираност за правата, но и за можностите што ги имаат децата/лицата со попреченост и секако родителите/старателите на овие деца“, додаваат од Канцеларијата на народниот правобранител.

За тоа какви се искуствата на наставниот и помошниот кадар, а какви на родителите на деца со попреченост што се вклучени во образовниот процес, од таму велат дека според нивните сознанија има и позитивни и негативни нешта за издвојување.

Според сознанијата на народниот правобранител има и позитивни и негативни искуства, што зависи од мноштво на фактори, кои меѓусебно се испреплетуваат, но најмногу зависи од политиките на национално ниво во однос на инклузивното образование и нивната имплементација на локално ниво. Генерално народниот правобранител смета дека е потребно уште многу да се работи и вложи во овој процес, со оглед дека согласно со ратификуваните меѓународни конвенции (Конвенција за права на детето и Конвенција за права на лицата со попреченост) државата го признава правото на образование на децата со попреченост, без дискриминација и врз основа на еднакви можности. Тоа значи дека државата треба да обезбеди инклузивен систем на образование на сите нивоа, да обезбеди дека децата со попреченост не се исклучени од општиот образовен систем врз основа на попреченоста. Децата со попреченост согласно со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост имаат право на инклузивно, квалитетно, бесплатно основно и средно образование, на еднаква основа со другите, во местата каде што живеат, при што е осигурено разумно приспособување и ја добиваат потребната поддршка/ индивидуализирани мерки за поддршка во рамките на општиот образовен систем, заради нивно ефикасно образование, максимизирање на академскиот и социјалниот развој“, сметаат од кај народниот правобранител.

Од таму потсетуваат дека граѓаните во секое време можат да се обратат кај нив како институција за да пријават евентуална повреда на правата на детето, а тие согласно со своите ингеренции ќе преземат мерки за нивно решавање и унапредување на секое дете подеднакво.

Катерина Додевска 

Со овој текст, МКД.мк се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ