петок, 26 јули 2024
Реакции по приведувањето на новинарот Салиу

Да се почитуваат правата на новинарот Салиу, МВР да го расчисти случајот, побараа партиите

Да се почитуваат правата на новинарот Фуркан Салиу, а МВР веднаш да го расисти случајот, побараа дел од партиите и владини функционери откако МВР денеска на фудбласки натпревар кој беше прекинат на 20 минути пред крајот го уапси Салиу и уште други двајца мажи од Арачиново.  Расчистување на случајот побараа и дел од кандидатите за претседател.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

„Истовремено, очекуваме МВР доследно да ги почитува законските процедури и правата на новинарот Салиу, а политичките партии да не го користат овој случај за дневно партиски цели, за да не се шират шпекулации и дезинформации сѐ до целосно расчистување на случајот“, пишува во соопштението на АВМУ.

И ВМРО-ДПМНЕ побара целосно да се расветли случајот со приведувањето на новинарот Фуркан Салиу и да му се почитуваат сите негови права и слободи како новинар.

Оттаму наведуваат дека ја бранат и ја почитуваат новинарската дејност и слободата на новинарите да известуваат и пишуваат за настаните и темите од јавен интерес, без било какви пречки.

„Секој еден новинар ја има нашата поддршка. ВМРО-ДПМНЕ не поддржува насилство, и осудуваме било каков напад врз службено лице на МВР. Тоа треба да се осуди од сите чинители и доколку се потврди дека тоа е сторено, тогаш сторителот треба да ги сноси сите последици согласно законите и Уставот“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

А портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски на вонредна прес конференција остро го осуди апсењето на Салиу и побара негово ослободување.

Според Каевски, апсењето следи откако Салиу објави „афера директно поврзана со ВМРО-ДПМНЕ и претставува обид за замолчување и заплашување на новинарите“.

„Ова е обид за замолчување и заплашување, откако новинарот објави афера директно поврзана со ДПМНЕ. На чело на СВР Скопје и ЕБР се новопоставени началници назначени од страна техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски. Началниците назначени од Тошковски и ДПМНЕ, дале наредба за апсење на новинарот Салиу. Ова е загрозување на слободата, демократија, слободата на говор загарантирана со Устав. Директен и брутален притисок врз независните новинари, врз оние кои истражуваат и работат за јавниот интерес“, рече Каевски.

За седум години власт на СДСМ, Каевски вели, не само што нема ниту еден уапсен новинар, туку донесени се низа законски решенија со кои се гарантираат правата и заштитата на новинарите.

Посочи дека апсењето на новинарот Салиу укажува дека нема никаква промена во ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи како што рече, сѐ уште се свежи сеќавањата за апсењето на новинарот Кежаровски.

„СДСМ бара новинарот веднаш да биде ослободен. Заплашувањето и злоупотребата на МВР и другите институции под капа на ДПМНЕ мора да прекине. Заедно со граѓаните ќе направиме се што е потребно Фуркан да може слободно и безбедно да ја кажува вистината и понатаму, а полициската бруталност да биде спречена“, изјави Каевски.

Апсењето на Салиу го осудија и владини функционери, како и претседателски кандидати.

Првиот вицепремиер задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, на својата фејсбук страница порача дека мора да ја чуваме слободата, бидејќи таа е неотуѓива правдина.

„Денес е Фуркан, утре може да е било кој друг. Режим никогаш повеќе“, вели Маричиќ.

На апсењето на Салиу реагираше и претседателскиот кандидат на ДУИ Бујар Османи, кој ја осуди, како што кажа, денешната акција против новинарот Фуркан Салиу и побара негово итно ослободување.

„Слободата на говорот е наслов на секое демократско општество!“, напиша Османи.

Со реакција излезе и претседателскиот кандидат од Коалицијата Вреди, Арбен Таравари, кој преку соопштение истакна дека акцијата за апсење на новинарот е извршена под сомнителни услови, додека ја извршувал неговата професија.

Таравари бара итно ослободување на новинарот Салиу и целосно расчистување на случајот.

„Го осудувам апсењето на новинарот Фуркан Салиу. Според сите докази, неговото апсење е извршено под услови на извршување на неговата професија. Барам што поскоро ослободување на новинарот Фуркан Салиу и расветлување на случајот, се сеќавам и на изјавата на Леке Дукаѓини дека гласникот не е виновен за веста што ја дава! Не го осудувајте гласникот туку веста“, реагира Таравари.

Поддршка на новинарот му даде претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски кој предупредува на опасност од ВМРО-ДПМНЕ.

„Џабе го апсите Фуркан, јас уште пред неколку месеци обелоденив дека ВМРО-ДПМНЕ фингира анкети соочена со слабата поддршка од народот.Џабе ‘чаламот’ ви се гледа нервозата. Поддршка за Фуркан, поддршка за слободата на говорот“, порача Јакомовски преку Фејсбук.
Осуда на полициското однесување искажа и лидерот на Левица, Димитар Апасиев.
„Ова со апсењето на новинарот Фурхан Салиу ви е показна вежба шо ќе им се дешава на новинарите кои ќе откриваат корупција ко ќе имате вмроиден министер за внатрешни“, објави Апасиев во негов „јазичен“ стил.

 

Од Либерално демократската партија реагираат дека ваквото апсење на новинарот Фуркан Салиу е недозволиво во демократска држава.

„Ваквото недостоинствено апсење на новинарот Фуркан Салиу е недозволиво во демократска држава. Ние како Либерал-демократи посочуваме дека новинарот Салиу ниту некогаш бил обвинет за тероризам, ниту претставувал каква било безбедносна закана за да сведочиме вакво радикално однесување од страна на полицијата“, пишува во соопштението на ЛДП.

Успеав да видам само кратка видео снимка од апсењето на новинарот Салиу, детали за случајот немам. Очекувам и официјалните органи и МВР да кажат и да ја чуеме и другата страна, на новинарот. Но, кога ја видов снимката на која специјалци апсат новинар и тоа повеќемина врз еден, ме врати на старите мрачни времиња на Груевски, кога новинари заглавуваа во затвор и беа тепани и замолкнувани, рече актуелниот претседател и претсаедателски кандидат Стево Пендаровски на граѓанска трибина во Охрид одговарајќи на прашања од граѓаните.

Тој додаде дека се надева оти тоа не е знак како тие луѓе би владееле ако добијат шанса, бидејќи, како што кажа, граѓаните се изгорени од тоа.

„Можеби грешам, се извинувам, не ја знам реалната ситуација, но од видеото, 4-5 специјалци фрлени врз новинар, ми е малку симптоматично“, рече Пендаровски.

Претходно и ЗНМ и ССНМ апелираа случајот веднаш да биде расчистен, да се внимава да не се повредат правата на новинарот Салиу, а политичките партии да не го користат во своите дневно-политички препукувања и за партиски цели на изборната кампања.

МВР претходно објави дека денеска околу 17 часот на фудбалскиот стадион во село Средно Коњари за време на фудбалскиот натпревар помеѓу ФК БВК Коњаре и ФК Куманово, на дваесетина минути пред крајот на натпреварот дошло до обид домашната публика да се пресмета со гостинските играчи. Обидот е спречен од страна на службите кои го обезбедуваа натпреварот и натпреварот бил прекинат, соопшти МВР.

За време на интервенцијата, како што пишува во соопштението, од страна на две лица нападнати се припадници на Единицата за брзо распоредување. Лицата кои го извршиле нападот веднаш се приведени и утврдено е дека станува збор за Ф.С. и Н.Ј. и двајцата од Арачиново додека С.Б. од истото село е приведен за учество во тепачка.

„Дополнително, околу 18 часот, при преглед на патничко возило дачија дастер, сопственост на Ф.С., а управувано од Ф.А. со сопатник А.Р. и двајцата од село Кондово, во багажникот е пронајден пиштол. СВР Скопје презема мерки за целосно расчистување и документирање на случајот“, е наведено во соопштението на МВР.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ