„Со една изборна единица ќе започне силен процес на демократизација и јакнење на одговорноста на носителите на јавни функции, ќе се демонтира монополската положба на владеење на една партија, секој глас ќе има иста тежина, а составот на парламентот ќе биде одраз на определбата на граѓаните кои ќе имаат можност за избор. Со воведување една изборна единица, како и со отстранување на системските предности на четирите партии поврзани со финансирање на изборната кампања, медиумскиот простор за политичко претставување и државното финансирање на партиски институти, ќе се создадат еднакви услови за политички натпревар и при носењето круцијални и други стратешки одлуки ќе учествуваат повеќе партии и поединци. Досега донесувањето на измените на законот го блокираат СДСМ и ДУИ“, рече претседателот на Демократски сојуз Павле Трајанов според кого високиот изборен праг од пет проценти што го предлагаат интегративците, ни самите нема да можат да го постигнат и дека го прават тоа само за да не се изгласа предлогот за една изборна единица.
Против високиот праг се и другите партии од македонскиот блок.
„Eдна изборна единица ќе овозможи подобра претставеност на граѓаните во парламентот, ќе придонесе за демократизација на општеството и за демократизација на самите политички партии“, рече претседателката на ДОМ Маја Морачани, која потсети дека со години таа и нејзината партија се залагаат за менување на законот и Македонија да стане една изборна единица, без изборен праг, а листите да бидат отворени, за што имаат подготвувано предлог-закони. Морачанин рече дека имаат и предлог закон за еднаква застапеност на мажите и жените на државно и локално ниво, односно отворени листи со 50:50 однос на мажи – жени.
Морачанин услови дека ДОМ ќе ја напушти Владата ако до јуни претседателот на Собранието Талат Џафери не ги стави на пленарна седница измените на изборниот модел.
Со шест изборни единици постои можност некој со 30 – 40 илјади добиени гласови да не влезе во Собранието на Македонија и на тој начин граѓаните да бидат дискриминирани, затоа што не се претставени во парламентот.
Важно е дебатата да се отвори во Собранието и во однос на изборниот праг да се разговара за да не се случи тој праг да оневозможи рамноправна застапеност во парламентот според добиените гласови, рече Моника Зајкова, претседателка на Либерално-демократската партија.
Демократската партија на Турците како еден од првите предлагачи на ваков закон за една изборна едниица смета дека на земјата ѝ е потребно токму законско решение од овој тип со цел да одрази рамноправност и кон етничките партии на помалите етникуми, рече Бејџан Иљас, пратеник од партијата на Турцијте.
Тој предупреди дека е време да се започне со интензивна дебата за да не се случи да не остане време до изборите за менување на изборното законодавство имајќи предвид дека до редовниот термин на парламентарните избори има една година.
Да го ставиме законот на гласање и да видиме кој е навистина за реформа во смисла на една изборна единица, а кој е само декларативно за таква промена, а во суштина се за стариот закон кој ги фаворизира големите партии, рече Љупчо Балковски од ВМРО-НП.
Инаку, предлог законот е стар две години, доставен е до Собранието на 5 март 2021 година, на дневен ред е ставен на 41-та седница на Собранието, закажана за 18 мај 2021 година. По една година, одржана е расправа на Комисијата за политички систем и односи помеѓу заедниците (на 22.3.2022) и на Законодавно-правната комисија (на 23.3.2022), при што е одлучено дека предлог-измените се прифатливи и да се дадаат на натамошно читање (да се одржи пленарна седница).
Комисијата за политички систем и односи помеѓу заедниците предложи Собранието да организира и јавна дискусија, помеѓу првото и второто читање на предлог-законот.
„Повеќе од јасно е дека спротивно на Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија, измените се блокирани и за тоа мора да има политичка одговорност“, рече Павле Трајанов.