сабота, 27 јули 2024

Да не се заборави и никогаш да не се повтори, пораки од одблежувањата на 81 година од депортацијата на македонските Евреи

За мене претставува чест, како и секоја година, да бидам тука за комеморацијата на Еврејската заедница во Штип која беше депортирана за време на холокаустот и прво испратена во скопскиот Монопол, па потоа во германските нацистички логори на смртта на територијата на окупирана Полска, каде што беа убиени и за жал, многу малку луѓе го преживеаа овој камп на смртта, рече денеска aмбасадорката на Израел во Македонија, Симона Франкел на одбележувањето н 81 година од  депортацијата на македонските Евреи во логорот Треблинка. Комеморативната програма по овој повод се одржа и во Битола, а централното одбележување ќе биде утре во Скопје.

 

Одбележани 81 година од депортацијата на македонските Евреи

Објавено на

часот

Сподели

Таа додаде треба да се потсетиме дека нејзиното присуство оваа година е значајно затоа што војната во Газа сè уште трае и Хамас сè уште држи 134 заложници. Повика и на итно ослободување на заложниците.

„Знаеме дека помеѓу нив има 19 млади жени кои во тунелите на Хамас страдаат од сексуално вознемирување и сексуална злоупотреба. Сите ние мора да дејствуваме и да повикаме на нивно итно ослободување, и да не ги оставиме таму. Со секој изминат ден кога ги оставаме во тунелите и не правиме сè што е можно за да ги ослободиме, им ги загрозуваме животите и тоа може да ја предизвика нивната смрт. Би сакале да повикаме на нивно итно ослободување“, изјави Франкел.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната комеморативна седница по повод 81 години од Холокаустот на Евреите, истакна дека Општина Штип секоја година се сеќава на 543 Евреи, кои беа депортирани во Треблинка, но и секогаш се порачува дека никогаш не треба да се заборави и да не се повтори.

„Затоа што Еврејската заедница е нераскинлив дел од нашето минато, но и наша обврска да ја продлабочиме соработката којашто ја имаме со Еврејската заедница, со Еврејскиот народ. Дефинитивно и во периодот што следи како град имаме обврска да ја вклучиме Еврејската заедница во организирање на заеднички културно-уметнички настани“, вели Јорданов.

Со паролата „Да не се заборови“ се одржа и поворка на живите од зградата на Општина Штип до споменикот на депортираните Евреи од Штип, кој се наоѓа во поранешното Кафтанско маало, каде што живееле поголемиот дел од Еврејската заедница. амбасадорката на Израел. Фарнкел, како и повеќе делегации денеска ги посетија и Еврејските гробишта.

Комеморативната програма по овој повод се одржа и во Битола која започна со оддавање почит  пред споменикот  на депортираните Евреи од Битола – „Камена менора“ и споменикот на народната хероина Естреа Овадија Мара, каде цвеќе положија министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, пратеничките Марија Кочовска, Олга Лозановска и Силвана Ангелевска, амбасадорката на Германија во земјава Петра Дрекслер и градоначалникот на Битола Тони Коњановски.

„Битола како културен и историски центар, но и град страдалник, град кој и 81 година по депортацијата на битолските Евреи не заборава на 11 март, не го заборава трагичниот ден и оддава почит на своите сограѓани. Целта е да паметиме и да не заборавиме, да не се повторуваат тие тажни моменти, а ние како Битола и битолчани, секогаш ќе го чуваме споменот за нашите сограѓани и ќе го чуваме во нашата меморија“, истакна градоначалникот Коњановски.

Според востановената традиција во Битола пристигнаа повеќе гости од Израел, од Еврејската заедница во Македонија, организации, студенти и ученици кои положија цвеќе на Еврејските гробишта во овој град.

„Денеска е денот кога се сеќаваме на едно многу тешко време, на денот кога најголем дел од нашите претци беа собрани и од бугарскиот фашистичкиот окупатор однесени во логор каде никој не преживеа. Битола е град за кој секогаш со љубов зборуваме за нашите претци, се сеќаваме на убавиот соживот, на приказните што сме ги дознале од нашите претци, за другарството и пријателството, за соработката во чаршијата и за дружењата меѓу соседите. За жал, ова е време кога не треба да заборавиме дека и денеска во светот постојат вакви лоши моменти и чувства и затоа сакаме да ја пренесеме пораката дека ова никогаш не треба да се повтори“, нагласи Здравко Шами, поранеше претседател на Еврејската заедница во Македонија, во моментов претставник на Еврејската дијаспора.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска на фејсбук напиша дека имаме морална обврска постојано да се бориме за соживот и напредок за да успееме да го зачуваме споменот за жртвите од Втората светска војна.

„Одбележувањето на Денот на холокаустот е поттик да ја потврдиме нашата посветеност кон принципите и целите на Повелбата на Обединетите нации и Универзалната декларација за човековите права, затоа што, како што вели, денес се актуелни нови форми на геноцид и фашизам. Холокаустот беше мрачна епоха која нѐ задолжува да градиме заеднички свет за да ги спречиме таквите злосторства“, напиша министерката за култура.

Во „Поворка на живите“ од Здравствен дом „д-р Хаим Абраванел“ до железничката станица се вклучија и претставници на невладини организации и граѓани на Битола, кои на шините поставија цвеќе во знак на сеќавање и почит на битолските Евреи кои на 11 март 1943 година беа депортирани во логорот Треблинка.

Централните комеморативни активности ќе се одржат утре во Скопје, со оддавање почит пред Спомемикот на 7.144-те депортирани Евреи од Македонија во скопскиот Монопол. Обраќање ќе имаат претседателот на Еврејската заедница во Македонија Пепо Леви, претседателот на Владата Талат Џафери и амбасадорката на Израел Симона Франкел. Потоа ќе биде оддадена почит на Могилата на депортираните Евреи од Македонија и на Споменикот на паднатите борци од НОБ на градските гробишта Бутел.

Еврејската заедница во Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија од 9 до 11 март 2024 година одбележуваат 81 година од холокаустот на македонските Евреи. Активностите почнаа вчера во Битола, со театарската претстава „Детето во пругасти пижами“ во Народниот театар.

На 11 март 1943 година, 7.144 македонски Евреи од Скопје, Битола и Штип се депортирани во „логорот на смртта“ – Треблинка што е и еден од највисоките проценти на депортирани Евреи во светот според бројот на население (98 отсто).

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ