сабота, 27 јули 2024
Интервју

Д-р Тавчиоски замина од Македонија во Германија: Овде нема списоци од партија кој да се вработи 

Даниел Тавчиоски е млад македонски доктор кој нема еден еден работено во македонскиот здравствен систем. Веднаш по успешното завршување на Медицинскиот факултет во Скопје тој оди во Германија и вели дека таа одлука ја донел без двоумење, со цел – структуирана специјализација и напредок во кариерата.

Објавено на

часот

Сподели

Таму специјализацијата не се плаќа дополнително, а докторите додека специјализираат, работат нормално, земаат плата според тарифник и имаат право на 32 работни дена одмор.

“ Ако докторот сака да ја промени болницата, специјализацијата му продолжува во наредната болница. Колоквиуми нема, туку се полага на крајот од специјализацијата специјалистички испит”, вели Даниел и додава – овде има бирократија, да, но овде има и систем и почитување на Законот.

Целосното интервју кое го направи „Солуција“ го пренесуваме во продолжение.

 Даниел, колку време сте во Германија? Како и кога се одлучивте да заминете?

После завршувањето на студиите на Медицински факултет Скопје веднаш одлучив дека сакам мојот животен и кариерен пат да ги продолжам во Германија. Така што практично и немам работено во македонскиот здравствен систем. Во Германија сум веќе 3 години и сум втора година на специјализација по интерна медицина. Мотивацијата моја за заминување во Германија беше, пред се, можноста за добра и структурирана специјализација и секако напредување во кариерата.

– ⁠Каква беше процедурата за вработување таму?

Како доктор, кој доаѓа од земја, која не е во Европската Унија, вработувањето не е едноставно. Нашиот факултет е признат, но треба да се направи или нострификација на дипломата (процес што најчесто долго трае и не секогаш е во целост успешна) или да се полага испит за германска лиценца (накратко речено – тоа е практично цела медицина на германски). Голем дел од колегите, како и јас се одлучуваме за втората опција. Со тоа што колегите кои доаѓаат од земји од ЕУ имаат призната лиценца и со тоа предност за вработување. Во последно време со трендот на затварање на болници во Германија и веќе презаситеноста од доктори, доста често слушам дека и колегите од Македонија аплицираат во преку 400 болници за да најдат соодветно работно место.

Нема списоци од партија кој да се вработи 

– ⁠Колку од Вашето и од искуството на вашите пријатели и колеги сметате дека има партизација во германскиот здравствен систем? Дали сте слушнале за пример некоја политичка партија да има списоци со доктори кои треба да бидат вработени и дали доктори се зачленуваат во партии за да најдат вработување?

За мене, конкретно, немало такво нешто, ниту имало потреба од такво нешто, ниту пак за моите колеги или пријатели. Во последниве години започна политиката и тука да има свое влијание врз здравството, но не на тој начин, туку преку повисоки политики, во болниците, со што се наштетува и на вработените и на пациентите. Моментално владее некаква политика од страна на новиот министер за здравство за амбулантизирање на медицинските процедури. Корона кризата како и поддршката на војната во Украина наложија масовно штедење на медицински процедури и персонал, а со тоа придонесоа да се затвараат одделенија, ургентни центри, како и цели болници. Доста персонал останува без работа, а пациентите и брзата помош треба понекогаш да возат и до 40 километри до најблиската соодветна болница.

– ⁠Какви се условите за работа?

Кога зборуваме за германскиот систем, навистина зборуваме за доста бирократија, но исто така и за добра организација, почитување на законите и правилата.

–  ⁠Имате ли некаков тип на притисоци и ако да – од каде?

Немам и никогаш не сум имал никакви притисоци.

Тука специјализацијата не се плаќа дополнително

– ⁠Што е она, што според Вас, е најголемата предност на германскиот систем кој гледаме дека е страшно привлечен за македонските, но и лекарите од Балканот?

На пример, во Германија може да се специјализира во секоја болница, која има право на специјализација од одредена област. Ако докторот сака да ја промени болницата, специјализацијата му продолжува во наредната болница. Колоквиуми нема, туку се полага на крајот од специјализацијата специјалистички испит. За време на специјализацијата, докторот нормално работи, зема плата според тарифник и има право на 32 работни дена одмор. Голема предност е што за специјализацијата не се плаќа дополнително.

Понатаму, условите за работа се доста добри. Во болниците има можност за секаква дијагностичка процедура, па со тоа и поставувањето на одредена дијагноза е поедноставено и за пациентот и за докторот. Учењето и совладувањето на некоја дијагностичка постапка е исто достапно и задолжително како дел од специјализацијата. Еве на пример, јас специјализирам општа интерна медицина и за ова време самостојно правам ултразвук на абдомен, срце, крвни садови, тироидна  жлезда, правам пункции и дренажи, а во процес сум на изучување трансезофагеално ехо. Со ова би сакал да кажам дека секој што покажува интерес за одредена процедура ја добива приликата и да ја научи. Голем дел од болниците плаќаат курсеви за подобро изучување и совладување на дијагностиката.

Мора да се инвестира и во болници во внатрешноста

– ⁠Имате ли некаква порака до македонските институции од областа за тоа што би требало да се стори за подобрување на системот кај нас?

Морам да признам дека нашиот образовен систем е доста добар и од Македонија доаѓаат способни и вредни доктори. Би порачал да се укине приватната, а да се овозможи за сите државна специјализација и структурирање на специјализацијата.

Инвестирање во апаратура и подобрување на болниците, кои не се во Скопје. Со тоа би се растоварил клиничкиот центар, би се намалило времето на чекање на пациентите и секако, би постанале тие болници попривлечни за младите доктори. Со ова мислам на  специјализирање на помалите болници на одредена географска површина во одредени области.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ