„Раководејќи се од редовниот билтен на Институтот за јавно здравје доставен до Комисијата за заразни болести, ќе видиме дека минатиот месец, во споредба со октомври, бројот на позитивни слуачаи на ковид-19 е дури преполовен во однос на октомври. Ако во октомври се регистрирани 535 случаи, во ноември 229 лица биле позтитивни на ковид-19. Тоа значи дека нема влошување на состојбата кога станува збор за овој вирус“, вели Мехмедовиќ во разговор за МКД.мк.
Тој додава дека полните амбуланти токму укажуваат дека во овој период во пораст се респираторните заболувања, засега нема голем број на случаи на грип, но присутен е РСВ вирусот (респираторен синцициски вирус) кој е опасен за децата, тука се и аденовирусот, риновирусот, се разбира, додава, и ковидот е тука. Тој вели дека податоците за заразни болести во Македонија во текот на минатиот месец укажуваат дека во пораст се овчите сипаници, потоа ентероколитиси, салмонелози, шуга, стомачни бактериски инфекции, евидентирани се и мононуклеозата, заушки и други болести.
На прашањето дека голем број од луѓето не се тестираат иако симтомите укажуваат на можност дека станува збор за ковид, како и тоа дека и минатиот месец имаше смртни случаи како последица на болеста, Мехмедовиќ вели:
„Минатиот месец имаше 5 смртни случаи, но треба да се нагласи дека станува збор за лица кои беа хоспитализирани поради други болести, а е утврдено попатно дека се заболени и од ковид“.
Дали како и во многу европски и земји од регионот, кога станува збор за ковид, доминира подваријантата на омикрон наречена ерис, Мехмедовиќ потврдува дека ерисот е присутен.
„Последното секвенционирање пред еден месец го детектира ерис кај нас. Присутен е со 10 проценти од тестраните. Но уште е доминантна подваријантата на омикрон која е присутна годинава (XBB1,5). Секако се очекува ерисот да биде доминантен во наредните месеци. Подварјантата ерис не е поопасна од другите подваријанти, ги дава истите симптоми, но е позаразна, повирулентна.
Мехмедовиќ вели дека колективниот имунитет кон ковидот е значително посилен во споредба со пред три години, а тоа се должи како на големиот број прележани лица, така и на вакцинацијата, секако и на искуството на лекарите.
Светската здравствена организација прогласи крај на кризата со ковид, вели Мехмедовиќ и додава дека според податоците од многу земји, нема место за голема загриженост за наредниот период.
Тој препорачува вакцинација особено за лицата на возраст над 65 години. Има доволно двовалентни дози, околу 50 илјади од производителот Фајзер. Вели дека лицата над оваа возраст препорачливо е да се вацинираат независно дали веќе биле вакцинирани пред повеќе од четири месеци. Препорачува да се вакцинираат и против грипот. Нема контраиндикации меѓу вакцините против грипот и ковидот, а можат да се примат и истовремено, што е и пракса кога станува збор за постарите лица за да не се доаѓа два пати на места каде има фреквенција на пациенти.
Исто така, нагласува д-р Злате Мехмедовиќ, има доволно тестови за ковид и според податоците на Институтот и на центрите за јавно здравје.
П.Џамбазоски