понеделник, 15 април 2024
Интервју

Д-р Александар Станков: Обдукциите и вештачењата во реалноста не се како што ги гледаме во ТВ сериите

Д-р Александар Станков неколку години раководи со Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје. До сега направени се над 18.000 обдукции, а таму каде што завршува нечиј живот, настапува тимот на судски медицинари. Обдукциите и вештачењата станаа особено популарни како резултат на телевизиските серии, но очигледно во реалноста ништо од тоа не изгледа така едноставно и идеално. За значењето на нивната работа во решавањето и на најкомплицираните случаи, за тоа каква е нивната улога како вештаци во судските постапки, за тоа како се справуваат со емотивните ситуации и со евентуалните притисоци, разговараме со директорот на оваа институција, која поради чувствителноста на работата мора често да е затворена или само делумно отворена за јавноста.

Објавено на

часот

Сподели

Може ли еден вовед, кои се задачите (цели) на судскомедицинската обдукција, односно да ни објасните што претставува тоа – како чин и како документ/извештај кој потоа треба да биде доказ во истрага како и временската рамка за едното и другото?

-Обдукција (аутопсија) претставува збир на постапки и дејства за испитување на сите делови од телото првенствено со надворешен преглед, а потоа и преглед на внатрешноста, со цел да се утврдат патолошките и други карактеристични промени и да се утврди и објасни причината за смртта. Задачите на судско медицинската обдукција се специфични и затоа таа треба да се изврши од страна на специјалист по судска медицина и според начелата на судскомедицинската наука и медицинските науки. Доколку се изврши од неквалификуван кадар и спротивно на судско медицинските правила тогаш ризикот за превид и пропусти е огромен а направените грешки во тој случај се непоправливи.

Индикациите за вршење на судскомедицинска обдукција во Република Македонија се пропишани во Законот за кривична постапка (чл. 246 и 247) и Законот за здравствена заштита (глава XII чл. 275), а на ниво на европската унија во документот издаден од советот за форензика р99. Судско-медицинската обдукција има тројно значење и тоа: едукативно, здравствено и безбедносно. За време на секоја обдукција се земаат материјали за дополнителни испитувања (токсиколошки, патохистолошки, криминалистички и дна).

Една судскомедицинска обдукција се смета за завршена кога сите извештаи поврзани со обдукцијата ќе бидат испратени до надлежните органи. Меѓутоа тоа е само еден дел од сложувалката на еден случај. Во текот на истрагата и евентуалниот судски процес може да се појават дополнителни прашања и докази кои треба да бидат обработени и одговорени.

Што е поважно кога се работи обдукцијата, брзината или темелноста, бидејќи често пати јавноста знае да ве притиска за одредени случаи дека доцните или дека нешто се сокрива?

-Судско-медицинската обдукција треба да одговори на голем број прашања коишто можат да бидат од огромно значење во правната разврска на еден случај. Основните прашања на коишто треба да одговори една судскомедицинска обдукција се: причината за смртта, начинот на смртта, времето на смртта, начинот на настанување на патоанатомските промени, идентификација на телото, присуство на дополнителни фактори кои влијаеле на случување на настанот и смртта, и друго.

За да се даде одговор на овие прашања судско-медицинската обдукција мора да се изврши темелно, од почеток до крај, тоа значи дека не постои иста обдукција, односно ист случај и секоја смрт е приказна сама за себе. Судско-медицинската обдукција може да трае и неколку дена, меѓутоа во просек трае околу 3 часа. Сé што ќе пропуштите да направите за време на обдукцијата е неповратна грешка затоа секоја обдукција се работи онолку колку што е потребно. Во нашата работа времето е на наша страна, но тоа не значи дека обдукцијата треба да се одолговлекува бесконечно.

Притисокот од роднините и јавноста не ни значи ништо туку ни значи процесот на обезбедување на квалитетни материјални докази кои не можат да бидат срушени во една евентуално судска постапка. Нашата работа е транспарентна, односно проверлива, за се што ќе напишеме постои доказ којшто може повторно да се провери. Доказите сé од типот на фотодокументација, микроскопски препарати и чување на биолошки материјал за евентуално повторување на анализите.

Работите сензитивни предмети и вашите документи по анализите кои ги правите од обдукции се дел од истрага, а тоа ве прави институција затворена за јавност. Може ли да ја доближиме до јавноста дејноста на Институтот?

-Ние како Институт се трудиме да бидеме отворени за јавноста колку што е тоа можно и колку ни дозволува законот. Нашата дејност стана популарна со појавувањето на ТВ сериите каде што се опишува судско-медицинската дејност, меѓутоа морам да кажам не е ништо така идеално како што е идеално во сериите, а ние како институт мора да ги следиме научните принципи и законите при обезбедување на доказите. Точно е дека институтот е затворена институција и институција од висок безбедносен ризик, меѓутоа информациите што можеме да ги споделиме со јавноста се ограничени бидејќи тоа го наложува законот.

Блиските роднини на починатиот, се мисли на неговото семејство, браќа, сестри, родители, секогаш може да дојдат и да поразговараат, а со тоа и да добијат информации околу резултатите од обдукцијата. Сепак, нас не ограничува Законот за кривична постапка и Законот за заштита на личните податоци, и затоа ниту сме присутни многу во јавноста ниту пак треба јавноста да има сознание околу случаите кои ги работиме, особено не оние коишто се сензитивни и коишто можат да предизвикаат немир во јавноста. За сé што работиме детално се информирани надлежните органи но не и јавноста, што не значи дека нешто криеме, сокриваме или пак не работиме професионално.

Колкава е бројката на сработени случаи запишани во архивата на Институтот за судска медицина? Има ли запечатени папки, а нерешени случаи за кои сè уште виси некоја дилема?

-Институтот за судска медицина е основан 1952 година и во тоа време како дел од поранешната држава ја покривал комплетната територија на денешната Република Македонија, но и тогашната автономна покраина Косово и дел од Јужна Србија. Точната бројка не ја знам, но ќе кажам од прилика тоа се над 18.000 обдукции. Огромен број случаи, било да се обдукции или вештачења, се поминати низ експертите вработени на инстиутот и сите се комплетно завршени без да постојат затворени папки или пак да има некоја дилема. Еден случај комплетно се затвора во тек на една судска постапка, а доколку не постои судска постапка случајот се затвора и се образложува на роднините. Запечатени папки и нерешени случаи не смеат да постојат. Она што не е решено не е комплетно во наши раце туку зависи и од останатите институции коишто учествуваат во истрагата.

Ви се случуваат ли грешки и дали може да погреши само човечкиот фактор, а не и апаратите за испитувањата на доказите? Како сте сигурни дека она на што ставате потпис како доказ е реалноста која ќе ги одведе надлежните до виновникот за сторено кривично дело?

-Само тие што работат можат да згрешат, а безгрешни се они коишто ништо не работат. Најголема грешка е онаа којашто нема да се поправи. Грешките се дел од секојдневната работа на секоја поединец поради што на институтот постојат постапки каде што, доколку би настанале грешки, тие би се елиминирале уште пред да се испрати извештајот за одредено вештачење.

Секое вештачење, вклучувајќи ги и обдукциите, се работат од двајца лекари од кои еден е постар лекар специјалист, а другиот лекар е или помлад специјалист или специјализант. На крај, секоја случај се образложува пред стручниот колегиум на институтот, а завршниот извештај се прегледува од мене како раководител, а потоа се испраќа до надлежните органи. Во однос на лабораториските методи, секоја метода којашто ја работиме потребно е да биде валидирана, што значи дека секоја метода, било да е областа на токсикологијата или медицинската криминалистика, е проверена дека дава квалитетни и прецизни резултати, но сепак сите резултати коишто ги добиваме од лабораториските испитувања се споредуваат со наодот од обдукцијата, врз основа на кои се носи конечниот заклучок.

Обезбедувате траги од сторители на кривични дела и отворате пат до пронаоѓање на силувачи, убијци, киднапери… Имате ли закани од сторители, дали ве обвинуваат или напаѓаат членови на семејствата?

-Работата на Институтот за судска медицина во делот на обезбедувањето на материјални докази нема директна поврзаност со осомничените за кривични дела, ние со нив во најголем број случаи се сретнуваме за време на една судска постапка и досега немало ниту закани ниту обвинувања од истите или од членовите на нивните семејства.

Нашата работа е транспарентна и секогаш доверлива и сите треба да имаат доверба во нашиот институт, дека тоа што сме го сработиле е квалитетно, точно и вистинито. Ние како институт немаме интерес некому да му наштетиме ниту да заштитиме, а и сме апсолутно имуни на влијанија на надворешни фактори.

Како се справувате со сведочењето во судот како вештак? Можете ли да споделите искуства или предизвици со кои сте се соочиле во овој поглед?

-Значењето на судско-медицинското вештачење е големо, бидејќи, како едно од доказните средства, му овозможува на судот да собере објективни медицински факти кои се неопходни, а понекогаш и пресудни за донесување правилна судска одлука. Фактите утврдени со судско-медицинско вештачење во голем број случаи претставуваат значајни податоци за правилното функционирање на медицинската служба, и служат за нејзино натамошно унапредување, односно подобрување на дијагностиката и лекувањето на повредените и болните. Улогата на вештакот во постапката е уште позначајна бидејќи судот нема сознанија што ги има вештакот (што е исто така нова причина за вклучување во постапката), а утврдените факти и стручно мислење на вештакот се неопходни за правилна судска одлука.

За време на вештачењето, лекарот е во епицентарот на конфликтот меѓу заинтересираните страни, каде односите се многу тензични често злонамерни. Во моментот кога докторот ја преземе улогата на судско-медицински експерт, тој мора да биде свесен дека навлегува во полето на спротивставените интереси, а борбата која се води е сите можни, дозволени и со незаконски средства. Наведената позиција го одредува основниот услов што секој експерт мора да го има – висок степен на етичност и и професионалниот морал – што подразбира свесност за одговорност и самокритика во однос на стручноста, самоконтрола, издржливост на притисоци од сите можни форми, вклучително и омаловажување, потценување и дискредитирање неговата личност и стручност. Дополнително, правните лица кои ги претставуваат заинтересираните страни исто така имаат право да ги применуваат сите дозволени средства за заштита на интересите неговиот клиент или интересот на општеството.

Имаат ли судските медицинари бенефициран стаж со оглед на стресот што работата го носи?

-Морам да кажам дека нашата професија е многу динамична, одговорна но и многу стресна. Вработените на Институтот секојдневно се среќаваат со најтажните судбини, а при тоа треба да останеш трезвен, без емоции и објективно да приоѓаш кон сите случаи. Законски за нашата дејност како и за секоја лекарска дејност не постои категоријата бенифициран стаж. Институтот работи 24 часа и секогаш постои комплетен тим кој е на приправност. Доколку постои потреба тимот доаѓа на работното место, но наредниот ден не е слободен ден, туку се продолжува соработата.

Во кои случаи може семејството самоиницијативно да побара обдукција и дали се соочувате со негодувања во случаи кои има налог од обвинител за обдукција, а семејството не дозволува?

-Судскомедицинска обдукција може да побара јавен обвинител, лекарот кој го лекувал и семејството. Во најголем број случаи обдукцијата ја бара обвинителството или здравствената установа каде бил пациентот. Многу ретко се случува семејството самоиницијативно да побара обдукција, но и тогаш кога бара семејството може целата постапка да се спроведе прекуздравствената установа или пак преку јавниот обвинител.

Во најголем број случаи немаме проблеми со семејството, но се случува понекогаш и тоа најчесто од верски побуди, семејството да не дозволува да се изврши обдукција. Ние секогаш разговараме со семејството им објаснуваме што за нив значи да се направи обдукцијата. Ние немаме право да ја сопреме постапката за обдукција, без разлика дали семејството се согласува, особено доколку постои наредба од Јавното обвинителство. Проблемите од неизвршување на обдукција се јавуваат подоцна кога би имало судска постапка и кога ќе биде доцна за одговор на прашањата кои тогаш се поставуваат, особено за причинско последичната врска од задобиени повреди и причината за смрт.

Освен обдукции, Институтот има и други работи кои се работат на Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје. Меѓу нив и ДНК анализи. Колку често се прават и за кои намени?

-Во состав на Институтот функционираат три лаборатории и тоа: Лабораторија за токсикологија, Лабораторија за медицинска криминалистика и ДНА и Хистопатолошката лабораторија. Главно, за секоја обдукција се вршат токсиколошки и хистопатолошки испитувања каде прво се почнува со основните, а потоа се оди и на поспецифични испитувања. Доколку постои проблем во идентификација на едно лице обрврзно, се вршат ДНА испитувања, а доколку се работи за случај на убиство или некоја сомнителна смрт, секогаш се работат испитувања од областа на медицинската криминалистика и ДНА. Овие лаборатории ги користиме и во случаи од областа на клиничката судска медицина при вршење на телесни прегледи во случаи на силување, задобиени повреди при тепачки, семејно насилство, одредување на присуство на нелегални супстанции во крв и урина, утврдување на татковство и др.

Што му недостасува на Институтот за судска медицина, кадар, пари, опрема… и вложува ли доволно државата во една ваква институција која буквално ги оживува настаните кои многу пати никој не ги видел, ниту чул, а благодарение на вас се прават и реконструкции?

-Јас лично сум многу задоволен од работата на целиот тим во Институтот. Можам да кажам дека сме добро екипирани со млад кадар кои си ја сакаат работата, но секогаш треба да се размислува барем десет години понапред. За да создадете добар тим и квалитетен кадар потребна е добра кадровска политика, вработување на млад кадар и време за да го обучите. Најмалку ви се потребни десет години за да создаете тим на кого можете да се потпрете.

Она што е направено во овие седум години колку што сум директор на Институтот се неколку инфраструктурни зафати кои ни беа неопходни, набавка на опрема во ДНА лабораторијата и Токсиколошката лабораторија, набавка на микроскопи за секој лекар, при крај е постапката за акредитација а ќе започнеме и проект за дигитализација на Институтот благодарение на проект добиен од Европската Унија. Морам да ја нагласам и изворедната соработка со Амбасадата на Соединетите американски држави преку Меѓународната програма за помош и обуки при водење на кривични истраги при Министерството за правда на САД (ИЦИТАП).

Сметам дека државата треба повеќе да вложува во Институции како нашата особено во набавка на нова опрема и едукација на кадар. Нашиот Институт работи во интерес на граѓаните на оваа држава и заштита на нивните права а тоа е една од основните работи за која секоја држава треба да води сметка. Секоја инвестиција во нашиот институт претставува инвестиција во вистината и заштита на правата на нашите граѓани. Засега најголем инвеститор е Медицинскиот факултет во Скопје при УКИМ каде и припаѓаме како институција. Имаме одлична соработка со Деканатот и деканот кој во потполност ја разбира потребата од секојдневни инвестиции во нашата Институција.

Како останувате информирани за најновите случувања и истражувања во форензичката наука? Дали има конференции, работилници или професионални организации во кои активно учествувате за континуирано учење и вмрежување?

-Најновите информации ги добиваме преку присуство на конгреси од областа на судската медицина и преку стручните списанија од областа на форензиката. Имаме одлична соработка со Институтите за судска медицина на балканските земји и европската унија, со Универзитетот Колумбија во Њујорк, САД. Во состав на активностите на здружението за судска медицина во соработка со ЕУ и Асоцијацијата за корпоративна безбедност организираме настани поврзани со нашата дејност каде секогаш се присутни претставници на обвинителствата и судовите. Таму се презентираат искуствата и проблемите кои произлегуваат од секојдневната рутинска работа и можните решенија за подобра соработка.

Катерина Додевска
Фотографии: Дарко Андоновски

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ