сабота, 11 јануари 2025
Трибина

Црвенковски: ЕУ не знае ни што ќе прави со самата себе, а не пак со Западен Балкан

Објавено на

часот

Сподели

Црвенковски промовира иницијатива за пристап до заедничкиот пазар и до европските фондови, но не како алтернатива за полноправно членство, туку како меѓучекор.

Една варијанта, според него, е да се искористи постоечката Европската економска област, а втора можност е ЕУ да потпише нов посебен договор со сите земји од Западен Балкан посебно.

„Кои би биле бенефитите од прифаќањето и реализацијата на една ваква иницијатива? Земјите од регионот би ги подобриле своите економски перформанси, а со самото тоа би биле поподготвени за полноправно членство. Европската Унија би го зајакнала својот кредибилитет и влијание во регионот и би ги елиминирала сите опасности од неевропски и антиевропски влијанија.“

„Нема што да загубиме. Кои се начините за постигнување на оваа цел? Една варијанта е да се искористи веќе постојната Европска економска област, а дека членството таму не е никаква кочница за полноправно членство во ЕУ говори примерот на Австрија, Финска и Шведска, кои во 1995 година како поранешни членки на ЕФТА станаа полноправни членки на ЕУ. Втора можна варијанта со која би се избегнале сложените процедури за прием на нови членки во Европската економска област, а би се овозможил пристап до европските фондови, е доколку ЕУ потпише нов посебен договор со сите земји од Западен Балкан истовремено“, објаснува Црвенковски.

Во однос на преговорите за членство во ЕУ Црвенковски смета дека за една година ништо не се сменило.

„Таму каде што бевме лани, се наоѓаме и денес, без видлив и сериозен напредок. И тоа не се однесува само за Македонија, туку и за другите земји од регионот, без разлика дали ќе го нарекуваме Југоисточна Европа или Западен Балкан. Единствен исклучок можеби е Албанија, за која беше донесена одлука за почеток на преговорите. Ние ги отворивме, но не ги почнавме преговорите. Како што стојат работите, тешко е да се предвиди дали и кога тоа ќе се случи. БиХ доби кандидатски статус, но со 14 услови и без право да ги користи европските фондови. На Косово заради збиднувањето на северот му се закануваат дури и санкции од страна на ЕУ и САД. Посебна приказна се Србија и Црна Гора, држави што преговорите со ЕУ ги почнаа пред цели 9, односно 11 години. Токму со образложение дека процесот на преговори со нив тече бавно, пред три години Франција предложи, а другите земји-членки прифатија, нова методологија за водење на преговорите. Да се потсетиме дека токму поради тоа, а не поради бугарското вето, Македонија не ги почна преговорите со Унијата.

Сето ова го говорам затоа што сметам дека во креирањето на нашите политики во однос на евроинтеграциите мора да го имаме во предвид и поширокиот контекст, а не се да се сведува само на проблемот со Бугарија. Фактите говорат дека интеграциите во однос на целиот регион на Западен Балкан се во застој со повремени мали исчекори“, рече Црвенковски.

Тој смета дека во ЕУ кај т.н. „стари“ и највлијателни членки сѐ повеќе се зајакнува ставот дека прво треба да реформира Унијата, па дури потоа ново проширување.

„Но заокружен концепт за тоа каква реформа, на кој начин и во кој временски период ќе се спроведе сѐ уште не е промовиран. И уште нешто многу побитно. Каква било реформа во Унијата може да се спроведе само со едногласна поддршка од сите членки, а како што можеме да видиме, целосен консензус е тешко да се постигне дури и за помалку важни прашања од тоа каков статус ќе имаат и кои привилегии ќе ги изгубат одредени земји со тие промени“, рече Црвенковски.

На крајот од своето излагање, Црвенковски упати апел до партиите: „На крајот, ако дозволите, би упатил една порака до политичките фактори во земјава. Ако оцените дека оваа идеја е интересна и заслужува внимание, во ред, ќе ми биде драго. Ако сметате дека идејата е лоша или безвредна, повторно во ред, може да ја критикувате или едноставно да ја игнорирате. Но ве молам немојте да ѝ ставате партиски печат и да ја внесете во своите дневнополитички конфронтации“.

Трибината во Клубот на пратениците ја организираа Советот на амбасадори и кабинетот на поранешниот претседател Бранко Црвенковски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ