сабота, 27 јули 2024

Црвенковски: Договорот со Бугарија ја отвори Пандорината кутија, „заедничката историја“ беше грешка

Објавено на

часот

Сподели

Во еден од ретките јавни настапи Црвенковски кажа дека Преспанскиот договор не го смета за добар, а уште помалку за идеален, но е помалото зло кое затвори едно тешко отворено прашање и по него односите со Грција се неспоредливо подобри.

„Сосема спротивно, односите со Бугарија се неспоредливо полоши по, отколку пред потпишувањето на договорот. Или да бидам директен. Потпишувањето на договорот за пријателство и соработка со Бугарија со таква содржина, посебно со формулацијата за ‘заедничка историја‘ и формирањето на мешовитата историска комисија со мандат да арбитрира околу историските настани и личности беше голема грешка. Тезата која се пласираше во јавноста дека за националниот идентитет не преговараме, а за историјата ќе се договориме, во самата своја основа е апсурдна. Секој и сечиј национален идентитет е резултат на историски процес кој се потпира на одредени историски меѓници, настани и личности. Ако тие меѓници ви бидат одземени и прогласени за туѓи, од националниот идентитет не останува ништо освен празна реторика. Книга со корици и празни листови. Јас не тврдам дека и без договорот, Бугарија немаше да стави вето. Но во тој случај барем не ќе можеше да го користи аргументот кој постојано го повторува дека Македонија не ги исполнува преземените договорни обврски. Позициите презентирани од страна на официјални претставници на Република Бугарија се такви што не оставаат простор за каков било оптимизам“, рече Црвенковски, додавајќи дека ние од македонизмот ниту можеме ниту смееме да се откажеме, одговарајќи на изјавата на Радев дека „нема да дозволат македонизмот да влезе во ЕУ“.

Според него, единственото можно решение за овој спор е секоја страна да си го задржи правото на сопствено видување и притоа тоа да не претставува никаква пречка во билатералните и мултилатералните односи.

„Дали и кога е такво нешто можно јас не знам. Но она што сигурно го знам е дека треба веднаш да се прекине со праксата присутна во последните 4-5 години на лесно и без основа подигање на очекувањата дека решението е на повидок и само што не се случило. Големи, а нереализирани очекувања водат кон големи разочарувања.

Македонската јавност и македонското општество во целина треба да се подготви, и од страна на власта и од страна на опозицијата, дека блокадата од страна на Бугарија може да потрае во подолг временски период и дека заради тоа нема да ги почнеме преговорите со ЕУ. Тоа за Македонија се разбира не е добро, но никако не смее да се доживее како национална трагедија која ќе не парализира. Напротив, треба да претставува поттик да почнеме многу посериозно и поодговорно да си ги средуваме работите дома“, вели Црвенковски.

Тој додава дека никој не не спречува и без преговори да ги спроведуваме неопходните реформи, да водиме бескомпромисна битка против криминалот и корупција, да создадеме независно и ефикасно судство во кое ќе се верува, да ги подигнеме стандардите во екологијата, образованието, здравството.

Црвенковски говореше и за стратешкиот дијалог со САД во јуни, со оценка дека тајмингот за него не е случаен, како што не беше и договорот за стратешко партнерство со САД во 2008 година, по самитот во Букурешт – тогаш по ветото на Грција во НАТО, а сега по ветото на Бугарија во ЕУ. 

„Тоа е јасна порака од страна на Вашингтон дека во вакви критични моменти стои зад стабилноста, безбедноста и евро-атлантските аспирации на Македонија“, оценувајќи дека тоа е јасен став на поддршка што треба да се почитува.

Тој ги повика политичките актери во Македонија да се подготват за разните сценарија кои доаѓаат од ЕУ а кои водат кон разни форми на интеграција, но не и членство, изразувајќи наедно чудење што во јавноста поголем одек имала изјава на Красимир Каракачанов отколку таа на Емануел Макрон. 

„За нас е неприфатлива каква било алтернатива за полноправно членство во ЕУ. Тој став целосно го разбирам. Но, да бидеме реални. Како ќе изгледа ЕУ по десет или 15 години и како тоа же се одрази на процесот на проширување нема да се одлучува во Скопје, Белград, Подгорица и Тирана, туку во Брисел и пред сѐ Париз и Берлин“, рече Црвенковски, додавајќи дека не можеме да влијаеме на тие процеси но можеме да ги предвидиме и да ги амортизираме негативните последици. 

Во контекст на надворешната политика Црвенковски ги критикуваше институциите во државата што 4,5 години немаме амбасадор во САД и што за првпат како држава ни се случи САД да не прифатат двајца кандидати за амбасадор што го нарушува угледот на Македонија таму. Според неговите информации, во моментов Македонија нема амбасадори во Кина веќе три години, во Србија четири, а празни се и амбасадите во Брисел, Анкара, Бразилија, Каиро и Тел Авив, што го оцени како апсолутно неодговорно и недозволиво. 

Тој ја поддржа иницијативата Отворен Балкан како излез од блокираната евроинтеграција во регионалната соработка.

„Суетите мора да бидат оставени настрана.Не е битно низ која или низ чија иницијатива ќе се остварува регионалната соработка, низ Берлинскиот процес, Отворен Балкан…Лично моите симпатии се насочени кон Отворен Балкан“, рече тој аргументирајќи го тоа со фактот дека е изворна.   

Во однос на војната во Украина кажа дека руската инвазија заслужува најостра осуда и добро е што Македонија тоа го направи без какви било дилеми и калкулации.

„Кога и како оваа војна ќе заврши никој со сигурност не може да предвиди. Но едно е сосема јасно. По оваа војна светот нема да биде ист како оној пред неа. По мое мислење, за жал, барем во еден подолг период тоа сигурно нема да биде подобар свет. Ни претстои една нова студена војна, со постојано затегнати и тензични односи со сите последици кои што од тоа ќе произлезат на безбедносен, политички и економски план“, рече Црвенковски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ