Како што информираат од МВР, лицето И.А. од Прилеп, кое пред 20 дена завршило со издржување на трииполгодишна казна затвор, утрово ја презел марихуаната која била пренесена од Албанија и требало да ја транспортира до државната граница со Грција, каде требало да биде предадена за понатамошно пренесување до Турција.
„По претходно преземени оперативни мерки кон И.А. (36) од Прилеп, кој пред 20 дена завршил со издржување на казна затвор во траење од 3,5 години за сторено кривично дело „недозволена трговија со дрога”, на регионалниот пат Битола- Прилеп сопрено е патничко возило „голф“, управувано од лицето И.А. и при извршен преглед на возилото, во багажниот простор пронајдени се две торби во кои беа сместени вкупно 35 пакувања со марихуана, со вкупна тежина од околу 35 килограми“, пишува во соопштението.

Од МВР додаваат дека лицето И.А. е лишено од слобода во полициската станица во Битола и по комплетирање на целокупната документација од страна на СВР Битола до Основното јавно обвинителство Битола ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело предвидено и казниво по член 215 од Кривичниот законик.






