Според потврдата од МВР, инцидентот се случил на улицата „Охридска“ околу 2:05 часот, кога непознат сторител фрлил експлозивна направа пред неколку куќи. Од експлозијата биле оштетени најмалку седум патнички возила со битолски регистарски ознаки, меѓу кои фолксваген, бмв, тојота, киа, рено, матиз и тико. Оштетувања се евидентирани и на прозорци и врати од околните домови.
Увидната екипа на СВР Битола, во присуство и по насока на јавен обвинител, извршила увид на местото на настанот, а од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Само час и половина подоцна, околу 3:17 часот, бил пријавен и пожар на улицата „Борис Бастерот“, каде што целосно изгорела барака во која, според засега расположивите информации, дуќан под кирија имал истиот полициски службеник. Пожарот ги зафатил и четири патнички возила, три со битолски и едно со скопски регистарски таблички. Интервенирала Територијалната противпожарна единица на Битола, а пожарот бил локализиран без повредени лица, но со значителна материјална штета.
Двата инцидента предизвикале силна вознемиреност кај жителите на градот, особено поради сериозноста и временската поврзаност на настаните, а сомнежите укажуваат на координирана закана насочена кон конкретна мета – полициски службеник кој неодамна бил инволвиран во полициска акција. Истрагата е во тек.