Како што информира обвинителството, тој се товари за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
„Возејќи по регионалниот пат од Валандово кон Дојран, не се придржувал кон одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и со тоа го загрозил јавниот сообраќај, така што го довел во опасност животот и телото на луѓето. Иако бил должен да го држи возилото во движење што поблиску до десниот раб на коловозот и да го прилагоди движењето на условите на патот за да не ги загрози другите учесници во сообраќајот, тој не го сторил тоа и изгубил контрола, возилото излегло на банкината надвор од коловозот и се превртело на десната страна. Но, во полуприколката на камионот имало и 10 кинески државјани, од кои при превртувањето 35-годишна жена и еден маж го загубиле животот, две лица добиле тешки телесни повреди, а уште две полесни повреди“, се вели во соопштението од обвинителството.
Бидејќи постојат околности кои очигледно укажуваат на опасност од бегство, имајќи предвид дека осомничениот е странски државјанин, заедно со видот и тежината на стореното кривично дело и последиците од него, бидејќи се работи за кривично дело со смртни последици и повеќе повредени лица, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор.
Во меѓувреме од обвинителството се преземаат дејства и за испитување на евентуални елементи на кривично дело криумчарење мигранти.






