Според пријавеното, во скопската населба Бит Пазар, 31-годишна жена пријавила дека нејзиниот сопруг ја заклучил во тоалетот, а потоа физички ја нападнал и ја избркал од домот. Според нејзиното сведочење, нивните четири малолетни деца исто така биле заклучени во тоалетот.
Жената изјавила дека ова не било првпат и дека насилството траело подолг период, но таа не го пријавувала.
Во скопски Центар, 52-годишна жена пријавила дека нејзиниот сопруг агресивно се однесувал и се обидел физички да ја нападне. Таа признала дека подолг период била жртва на физичко и психичко насилство, но молчела.
Во исто време 27-годишна жена пријавила дека нејзиниот сопруг, од кој била разделена, ѝ упатувал закани, не само кон неа, туку и кон нејзиниот татко. И таа, како и многу други, со години трпела без да побара помош.
Во Кисела Вода, 35-годишен маж бил лишен од слобода поради закани кон неговата сопруга. Во друг случај, 49-годишен маж бил уапсен откако физички ја нападнал својата сопруга во домот.
Во друг случај 30-годишна жена пријавила дека нејзиниот поранешен сопруг со месеци физички ги малтретирал нивните малолетни деца додека биле на видување кај него.
Во Шуто Оризари, 73-годишна жена била ограбена од лице кое претходно се понудило да ѝ помогне да стигне дома, но наместо помош, била нападната и покрадена.
Во Ѓорче Петров, расправија во сообраќај завршила со физички напад, а на скопски Бит Пазар, државјанин на Турција и неговиот малолетен син биле нападнати од три лица.
Во Струга пак, полицијата поднела кривична пријава против 49-годишен маж кој со уште две лица брутално претепале 61-годишен човек на градскиот пазар, нанесувајќи му тешки телесни повреди.
Полицијата информира дека се преземаат мерки за расчистување на сите случаи поединечно.






