четврток, 12 март 2026

Возач намерно удрил автомобил по расправија, повеќе тешко повредени во серија сообраќајки низ Македонија

Повеќе сообраќајни несреќи со тешко повредени лица, сомнителен инцидент на улица во Скопје, пожар на автомобили и кривични пријави за предизвикување општа опасност го одбележаа изминатото деноноќие, информираше Министерство за внатрешни работи (МВР). Според информациите од полицијата, настаните се случиле во Скопје, Тетово, Битола и Струмица, а во повеќе случаи се преземаат мерки за целосно расчистување на околностите.

Објавено на

часот

Сподели

Еден од најсериозните инциденти бил пријавен синоќа во СВР Скопје.

Според пријавата, околу 22:30 часот на подрачјето на Карпош, 29-годишниот Е.Р. од Скопје, додека го управувал своето патничко возило, бил удрен од друго патничко возило „ауди А3“ со скопски регистарски таблички.

Инцидентот, како што се наведува, се случил откако Е.Р. излегол од угостителски објект за да се сретне со лице со иницијали Д.Н., кое претходно телефонски упатувало закани кон девојка која била во објектот заедно со него.

Полицијата работи на расчистување на случајот и утврдување на сите околности.

Во уште еден сериозен случај, рано утрото била пријавена сообраќајна несреќа на крстосницата меѓу булеварите „Кузман Јосифовски Питу“, „Кочо Рацин“ и улицата „Крсте Мисирков“ во Скопје.

Во несреќата учествувале автобус и патничко возило „форд фиеста“, чиј возач по судирот го напуштил местото на настанот.

„Во несреќата тешко било повредено четиригодишно дете од Скопје, кое било патник во автобусот. Повредите биле констатирани во Комплекс клиники Мајка Тереза. Полицијата извршила увид и презема мерки за пронаоѓање на возачот кој избегал“, информираше МВР.

Сообраќајна несреќа била пријавена и околу 21:05 часот во скопското село Батинци.

Во судирот учествувале патничко возило „форд“, управувано од 41-годишниот А.Н. од Скопје и службено возило „шкода“, сопственост на Министерство за внатрешни работи.

Во несреќата повредени биле возачот на службеното возило и двајца негови сопатници.

„По извршените проверки, кај возачот на фордот биле измерени 0,91 промили алкохол во крвта, по што тој бил приведен во полициска станица по насоки на јавен обвинител. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава“, соопшти МВР.

Сообраќајна несреќа се случила и на регионалниот пат Скопје–Тетово, во атарот на селото Арнакија.

„Патничко возило сеат, управувано од 21-годишник од селото Буковиќ, излетало надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила 24-годишна сопатничка од гостиварското село Форино, додека возачот се здобил со полесни повреди. Повредените биле пренесени во Комплекс клиники Мајка Тереза“, се наведува во билтенот на МВР.

Мопедист тешко повреден во Скопје, повредени и во несреќа кај Тетово

Вчера попладне во Скопје се случила уште една сообраќајна несреќа.

На крстосницата меѓу булеварот „Борис Трајковски“ и улицата „Трајко Иванов“ се судриле патничко возило „бмв“ и мопед. Во несреќата тешко бил повреден 19-годишниот возач на мопедот, кој бил пренесен во Градска општа болница Св. Наум Охридски.

Вечерта пак, во СВР Тетово било пријавено дека кај Требошкиот натпатник во Тетово, патничко возило „опел“ со гостиварски регистарски ознаки излетало надвор од коловозот. Во несреќата тешко биле повредени две сопатнички од селото Врапчиште, додека возачот се здобил со полесни повреди. Повредените биле згрижени во Клиничката болница во Тетово.

Сообраќајна несреќа била регистрирана и во Битола.

На крстосница од улиците „Прилепска“ и „Наум Наумовски Борче“ се судриле две патнички возила – „опел“ и „форд“. Во несреќата тешко бил повреден сопатник од возилото „форд“, кој бил пренесен во Клиничката болница во Битола.

Пожар на три автомобили во Скопје, кривични пријави во Струмица

Синоќа петнаесетина минути по полноќ, во СВР Скопје било пријавено дека на паркинг простор на булеварот „Видое Смилевски Бато“ избувнал пожар во автомобил „сеат леон“.

„Огнот се проширил и оштетил уште две возила хјундаи и опел мерива. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригада за противпожарна заштита Скопје, а повредени лица нема. Полицијата извршила увид“, велат од МВР.

Во меѓувреме, СВР Струмица поднесе кривични пријави против четири лица од Струмица поради сомнение за сторени две кривични дела „предизвикување општа опасност“.

Според полицијата, во јануари годинава едно од осомничените лица запалило товарно возило „мерцедес“ на влезот од селото Владевци.

Во друг случај, на 21 февруари осомничените опожариле патничко возило „ланд ровер“, при што пожарот се проширил на уште едно возило и на кров од куќа.

„Полицијата презема дополнителни мерки за целосно расчистување на случаите“, информира МВР.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ