среда, 21 јануари 2026

Во полиција пријавени случаи на фрлање отров низ Неготино и газење кучиња со возила

Неготинската градоначалничка ги повика надлежните институции да излезат на терен, да се направи стручно постапување и да се санкционира секој сторител.

Објавено на

часот

Сподели

Од Секторот за внатрешни работи – Велес попладнево информираа дека вчера во 11:20 часот во ОВР – Неготино, од Општина Неготино било пријавено дека во периодот од 1 јануари до моментот на пријавување, на повеќе локации во Неготино било извршено расфрлање на отров и прегазување на кучиња со возила.

„Според пријавеното, сите кучиња биле подложени на хуман третман од страна на стационар за животни. Се преземаат мерки за расчистување на настанот“, соопштија од СВР – Велес.

Градоначалничката Марија Нацева претходно напиша на фејсбук дека со длабока загриженост ги следи пријавите и сведоштвата за труење и сурово постапување со кучиња во Неготино.

„Ова го осудувам најостро. Вакви дејствија не смеат да се случуваат во градот во кој живееме“, напиша градоначалничката.

Таа додаде дека Законот за заштита и благосостојба на животните е јасен, а намерното труење и мачење животни претставува сериозен прекршок и ваквите дејствија можат да повлечат и кривична одговорност, согласно важечките закони.

„Сакам јавно да појаснам – Општина Неготино не молчи и не стои настрана. За овие случаи доставени се информации и пријави до надлежните органи, и очекувам институциите да постапат итно и решително. Во оваа постапка клучна е улогата на МВР, инспекциските служби, вклучително и Агенцијата за храна и ветеринарство“, додаде Нацева.

Неготинската градоначалничка ги повика надлежните институции да излезат на терен, да се направи стручно постапување и да се санкционира секој сторител.

„Апелирам и до сопствениците на миленици – да бидат одговорни, да ги чуваат своите животни во безбедни услови и да не ги пуштаат без надзор. Напуштањето на миленици и нивното оставање на улица е неодговорно и недозволиво“, додаде градоначалничката.

Таа истакна дека овде не станува збор само за благосостојбата на животните.

„Расфрлан отров на јавна површина е сериозна закана за јавното здравје и безбедноста на граѓаните, особено на децата. До сите жители – пријавувајте веднаш во полиција ако забележите сомнителни материи или труење, и не допирајте сомнителни остатоци на јавни површини. Единствено со заедничка реакција и координација можеме да спречиме нови случаи“, подвлече Нацева.

Во објавата истакна дека Неготино мора да биде град на ред, безбедност и одговорност, за луѓето и за животните.

„Како локална самоуправа ќе продолжиме да инсистираме на системско и хумано решавање на проблемот, во рамки на законските надлежности“, нагласи градоначалничката.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ