
Синоќа во 19 часот на граничниот премин Табановце, полицајци од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи ги лишиле од слобода Ј.Ф.(31) од скопското село Никиштани и А.Б.(18) од Хрватска, велат од МВР и додаваат дека е пресечен меѓународен транспорт на хероин наменет за Хрватска.

„При контрола на автобус на туристичка агенција од Скопје, полициските службеници во координација со мобилен тим од Царинската управа, во багажот пронашле и одзеле околу два килограми хероин, со кој била исполнета амбалажа на разновидни прехранбени продукти. По преземени дополнителни мерки и оперативни проверки утврдено е дека македонскиот државјанин Ј.Ф. е сторител на кривичното дело по член 215 од Кривичниот законик и против него денеска СВР Куманово до надлежното ОЈО Куманово ќе поднесе кривична пријава“, се вели во соопштението на МВР.






