четврток, 1 јануари 2026

Убиство на турски државјанин и дете погодено со куршум во главата се двата најтрагични инциденти во новогодишната ноќ

Новогодишната ноќ поминала главно мирно, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Во изјава за медиумите тој информираше дека се случиле два сериозни инциденти – убиство на турски државјанин со нож, во Старата скопска чаршија, и случај на тешко повредено двегодишно дете што се бори за живот во Клиничкиот центар-Скопје.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Тошковски посочи дека повредата на детето е од „метален фрагмент кој во моментов не може детално да се специфицира“.

„Има повеќе теории на случај за тоа како е повредено детето. Штом точно ги утврдиме причините за настанување на оваа тешка телесна повреда ќе ја информираме јавноста“, рече Тошковски.

Но, д-р Игор Мерџановски, директор на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) денеска информираше дека детето е примено со тешка прострелна повреда на главата од огнено оружје и дека се бори за живот.

Во врска со убиениот турски државјанин, министерот Тошковски кажа дека во инцидентот е тешко повреден уште еден маж, и како убиениот, и тој бил повреден со остар нож.

„Имаме осомничено лице, во интерес на истрагата не би можел да откријам повеќе детали. Моментално лицето е во бегство. Станува збор за поголем број учесници во вчерашниот кривично-правен настан и според информациите што ги имам досега – сите се странски државјани“, рече Тошковски.

Министерот соопшти дека во текот на новогодишната ноќ седум лица се повредени од употреба на пиротехнички средства, а едно лице се самоповредило од употреба на огнено оружје (ловна пушка) на територија на СВР Битола.

“Во целокупниот период во текот на вчерашниот ден регистрирани се 31 кривично  дело и 23 сообраќајни незгоди од коишто две со тешки телесни повреди. Приведени се вкупно 49 лица по разни основи, најмногу во врска со нелегална трговија со дрога и нарушен јавен ред и мир“, изјави Тошковски.

Безбедносната состојба на територијата на целата држава, рече тој, била стабилна, и за таа цел имало засилено присуство на полицијата на терен и биле преземени координирани насочени мерки за одржување на поволна безбедносна состојба.

Како што рече Тошковски, бројките покажуваат дека „огромното мнозинство граѓани се однесуваа одговорно и со тоа придонесоа за лична и заедничка безбедност“.

„Зголеменото присуство на полицајци на терен придонесе да имаме мал број на настани на нарушување на јавниот ред и мир, генерално. Им благодарам на сите граѓани кои празнуваа одговорно така како што апелиравме и придонесоа сите заедно да направивме новогодишната ноќ да помине мирно“, рече Тошковски и им се заблагодари на сите припадници на полицијата кои биле на работа во текот на ноќта.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ