Во три одделни случаи во текот на 18 и 19 март, полициски службеници од СВР Тетово лишиле од слобода тројца млади поради различни прекршоци и кривични дела поврзани со безбедноста во сообраќајот и јавниот ред.
Вчера попладне бил уапсен 19-годишниот Б.Т. од Тетово.
„По претходно случена сообраќајна незгода со материјална штета, тој агресивно се однесувал кон 34-годишен жител на тетовското село Теново, барајќи пари за штетата. Ситуацијата ескалирала кога со тврд предмет го оштетил возилото на оштетениот“, се наведува во билтенот на МВР.
Истиот ден, околу 12:30 часот, на локалниот пат меѓу селата Желино и Долна Лешница, бил лишен од слобода 29-годишниот К.К. од село Горна Лешница. При сообраќајна контрола било утврдено дека управувал патничко возило мерцедес без воопшто да има положено возачки испит.
Утрово пак, два часа по полноќ во село Синичане, полицијата го привела 18-годишниот Р.А., кој управувал патничко возило бмв без возачка дозвола.
Во двата случаи со нелегално управување возило, автомобилите биле одземени, а по целосно документирање на настаните против сите тројца ќе бидат поднесени соодветни пријави.






