„На 10 февруари во 15:30 часот, во ОВР – Неготино, 72-годишна неготинка пријавила дека непознато лице ѝ се јавило на телефон, ѝ се претставило како директор на болницата во Велес и ѝ кажало дека нејзината внука се здобила со скршеница и дека за операцијата е потребно да донесе 20.000 евра, а во позадина се слушал женски глас како плаче, за кој ѝ кажало дека е нејзината снаа. Откако пријавителката заедно со нејзиниот сопруг пристигнале во болницата во Велес и не го пронашле лицето што ѝ се јавило, се упатиле на хируршкото одделение и прашале за нивната внука, а од страна на персоналот им било кажано дека нема таков пациент, по што сфатиле дека се работи за измама“, појаснија од СВР – Велес.
Истовремено, во 15:30 часот, во ОВР – Неготино, 77-годишна неготинка пријавила дека непознато лице ѝ се јавило на телефон, ѝ се претставило како лекар од Велес и ѝ кажало дека нејзината ќерка се здобила со скршеница и дека за операцијата е потребно да донесе 20.000 евра. Пријавителката се качила во такси, а по разговор со возачот се јавиле кај нејзиниот зет и сфатиле дека се работи за измама.
„На 13 февруари во 11:50 часот во ОВР – Кавадарци, 28-годишна кавадарчанка пријавила дека била измамена од едно женско лице од Кавадарци за сума од 180.000 денари. Според пријавеното, лицето ѝ предложило да започнат сопствен бизнис, за што парите ги дала лично на рака, но, договореното не било реализирано“, додадоа од СВР – Велес.
Оттаму истакнаа дека се преземаат мерки за расчистување на настаните. Притоа нагласија дека полицијата реализирала превентивни активности за спречување на измами.
„Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР – Велес, од ОВР – Неготино и ОВР – Кавадарци, спроведоа превентивни активности за заштита од измами, со цел граѓаните да се информираат и едуцираат за опасностите од телефонските измами, како истите да ги препознаат и да не дозволат да бидат жртви на овој вид измами. Апелираме до граѓаните да бидат особено внимателни при комуникација со непознати личности и сите сомнителни случаи да ги пријават во полициска станица“, информираат од Секторот за внатрешни работи – Велес.
Во изјава за МИА, една од измамените неготинки, го сподели моментот кога добила повик дека нејзината малолетна внука од син доживеала тешка несреќа и итно мора да биде оперирана. Лицето кое се претставило како директор на болницата во Велес, убедливо ѝ кажало дека состојбата е сериозна и дека се потребни 20.000 евра за да се спаси ногата на девојчето за да не остане инвалид. За измамата да звучи уште поверодостојно, на телефон била пуштена жена која плачела, а на пензионерката ѝ било кажано дека е тоа нејзината снаа, која е во болницата заедно со другата малолетна внука. Со тоа, како што истакна, самата дополнително била доведена во состојба на паника и страв. Таа нагласи дека парите не биле предадени, но, шокот, стресот и траумата останале. Притоа сподели дека измамниците се исклучително итри.
„Сметам дека тие располагаат со лични информации, знаат имиња на роднини, ги следат жртвите и звучат убедливо. Токму затоа ваквите измами предизвикуваат паника, особено кај повозрасните лица“, рече оваа пензионерка.
Таа исто како и полицијата, апелираше на внимателност, како превенција од измами. Да не се подлегнува на паника и да не се носат одлуки под притисок. Секој сомнителен повик, да се пријави во најблиската полициска станица.






