
Како што соопштија денеска од Jавно обвинителство на точно неутврден датум во периодот меѓу 23.02.2020 година и 12.07.2021 година, двајцата осомничени соизвршители провалиле во заклучен стан чиј сопственик подолго време не можел да се врати во државата од САД поради пандемијата на ковид-19.
„Во претсобјето на станот на улицата „Борис Бастеро” во Битола ги пронашле клучевите од станот и од гаражите, па во повеќе наврати се враќале и одземале предмети, меѓу кои шест бас гитари, автомобил „Порше Кајман С” и автомобил „BMW Х3″, спортски седишта „Порше“ и други предмети, со што се стекнале со вкупна противправна имотна корист во вредност од 4.522.457 денари“, се појаснува во соопштението.
При претрес, шесте одземени гитари биле пронајдени и вратени на сопственикот, додека се преземаат дејствија за пронаоѓање и на останатите предмети. Притоа едниот осомничен е лишен од слобода, додека другиот е во бегство.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени. Судијата го прифатил предлогот и определи притвор во траење од 30 дена, а за осомничениот кој е во бегство мерката ќе започне да се спроведува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.






