четврток, 26 февруари 2026

Случајот со распуштените крави во Крива Паланка ескалираше со инциденти

Случајот со „правото за кравите“, кој со години ги вознемирува жителите од околината на Крива Паланка, вчера заврши со два настана забележани во билтенот на МВР, а од таму во црните хроники на медиумите.

Објавено на

часот

Сподели

Вчера во 18 часот во ОВР Крива Паланка e пријавено дека на магистралниот пат Крива Паланка – Куманово, во село Жидилово, Кривопаланечко, товарно возило „мерцедес“, управувано од Е.М.С. (59) од Бугарија, удрило во домашно животно – крава, по што животното починало, а тој со возилото го напуштил местото. По преземени мерки Е.М.С. бил пронајден и против него ќе следува соодветна пријава. Увид извршила екипа од ОВР Крива Паланка.

Истиот ден утрината, во 9:35 часот, полициски службеници од ОВР Крива Паланка ја лишија од слобода Ј.Ѓ. (27) од село Жидилово, Кривопаланечко, затоа што спречила вработени од Агенција за храна и ветеринарство во извршување на службени дејствија, а кои постапувале по решение за спроведување мерки за одземање на домашни животни -крави. Таа била приведена во полициска станица и по целосно документирање на случајот против неа ќе следува соодветна пријава.

Овие инциденти се само продолжение на агресивното однесување на семејството Ѓорѓиевски. Имено, во декември минатата година, се случија насилни сцени при кои беа приведена таткото и една од ќерките на семејството, кои се јавуваат како сопственици на кравите. Тогаш беше објавено дека и другите ќерки со нокти гребеле полицајци по лицето. Поради ваквото однесување и малтретирање на сожителите, Обвинителството тогаш бараше и доби мерки притвор.

Денеска пак, жителите на селата Трново, Добровница, Узем, Кркља, Варовиште, Дрење,  Станци и жители од другите околни села одржаа мирен и достоинствен протест пред Општина Крива Паланка, со цел јавно да го изразат својот револт поради повеќе од 15 години нерешавање на проблемот со неконтролираното движење на крупен добиток, што предизвикува сериозни штети врз приватните имоти и земјоделските површини.

Протестот се одвиваше во мирна атмосфера и беше поддржан од граѓаните на Општина Крива Паланка и околните села. Поддршка даде и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, со свое присуство на протестот, како и од локалната самоуправа. Истовремено, уште еднаш беше потенцирано дека станува збор за долгогодишен и сериозен проблем кој директно ја засега егзистенцијата на многу семејства кои живеат од земјоделство.

Во своите обраќања, претставниците на месните заедници истакнаа дека со години се соочуваат со уништени посеви, оштетени ниви, дворови и помошни објекти, како и со загрозена безбедност на семејствата. Дополнително, беше нагласено дека покрај материјалната штета, дел од оштетените граѓани се соочиле со закани, уцени и заплашувања од страна на сопственикот на говедата, што создава чувство на страв и несигурност кај населението.

По одржаниот мирен и достоинствен протест, на кој жителите од погодените села уште еднаш јасно и гласно ја изразија својата долгогодишна мака, беше порачано дека ова не е прашање што може повеќе да се одложува или игнорира.

“Повеќе од 15 години се соочуваме со истиот проблем – неконтролирано движење на крупен добиток низ нашите села, кој ни ги уништува посевите, ни ги гази нивите, ни влегува во дворовите и помошните објекти и директно го загрозува нашиот имот, безбедноста на нашите семејства и егзистенцијата на луѓето кои живеат исклучиво од земјоделство. Пролетта е пред нас и повторно стравуваме дека трудот ќе ни биде уништен. Бараме итно и трајно решение, со кое ќе се заштитат и нашите имоти и добитокот, но пред сè ќе се воспостави ред и одговорност“, истакнаа граѓаните.

Јавноста е информирана дека надлежните институции веќе донеле правосилни решенија и задолжителни мерки согласно важечките законски прописи. Спроведените инспекциски надзори од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство констатирале прекршувања на прописите за заштита и благосостојба на животните, како и непочитување на претходно наложените мерки. Донесените решенија се правосилни и задолжителни за извршување, и нивното спроведување не смее да биде доведено во прашање.

„Граѓаните бараат итна и координирана реакција од сите надлежни институции, целосно спроведување на законските мерки, утврдување на одговорност и воспоставување трајно решение со кое ќе се спречи повторување на ваквата состојба. Нивното барање е едноставно: да се реши долгогодишниот проблем кој влијае и врз безбедноста во сообраќајот поради неконтролираното движење на говедата низ населбите, да им се овозможи мирно да ја обработуваат својата земја, да го заштитат сопствениот имот и достоинствено да живеат од својот труд, без страв од уште една уништена земјоделска сезона“, се наведува во соопштението од Општина Крива Паланка..

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ