петок, 25 април 2025

Пак измамени повозрасни жени за лажни сообраќајки, измамниците ги имаат сите податоци и знаат и каде живеат оштетените

Секојдневие стануваат телефонските измами во кои мета се најчесто повозрасни граѓани, а измамниците користат сценарија со наводни сообраќајки и уцени за наводно спасување членови на семејството од затвор. Институциите не наоѓаат ефикасен одговор на овој проблем, иако бројот на измамени расте.

Објавено на

часот

Сподели

Вчера во 18.00 часот, во СВР Скопје 74-годишна жена од Скопје пријавила дека била измамена од едно машко лице за сума од околу 2.000 евра. Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски и ѝ кажало дека нејзиниот син и неговата сопруга предизвикале сообраќајна несреќа во која прегазиле дете – мигрант. Наводно, доколку не сакала тие да завршат во затвор, требало итно да плати.

Исплашена и шокирана, жената ја собрала сумата и, како што е пријавено, парите ги оставила на договореното место, мислејќи дека така ќе им помогне на најблиските. Откако се вратила во домот и го видела нејзиниот син жив и здрав, сфатила дека била измамена.

Случајот е пријавен во полиција и се преземаат мерки за негово расчистување, но останува отворено прашањето уште колку семејства ќе бидат жртви пред институциите конечно да најдат начин да ги спречат овие сценарија што ги злоупотребуваат и плашат повозрасните граѓани.

Во СВР Скопје, друга 86-годишна жена вчера од Скопје пријавила дека била измамена од едно машко лице за сума од околу 112.000 денари

Според пријавеното, лицето исто како и во претходната пријава ѝ се јавило телефонски, се претставило како полициски службеник и ѝ кажало дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа во која прегазила дете-мигрант кое починало и доколку не сака таа да лежи во затвор требало да плати. Како што е пријавено, таа парите што ги имала во домот ги ставила во кеса и ги фрлила од балконот, како што и посочило лицето.

Завчера во 18.00 часот во СВР Скопје, 81-годишна жена од Скопје пријавила дека била измамена од едно машко лице за сума од 3.000 евра.

Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски, се претставило како полициски службеник и ѝ кажало дека нејзиниот син и неговата сопруга предизвикале сообраќајна несреќа во која прегазиле дете и доколку не сака да лежат во затвор требало да плати.

Како што е пријавено, таа парите ги оставила на договореното место, а откако нејзината снаа се вратила во домот од работа, таа сфатила дека била измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Пријавите за лажни сообраќајки станаа секојдневие во државава и предизвикуваат огрем стрес, но и финансиска штета за граѓаните. Мета на измамниците се главно пензионери од кои со ист повик, дека синот или ќерката направиле сообраќајка им се бараат пари за нивните блиски да не одат во затвор.

Засега МВР издаде само апел да не се наседнува на ваквите измами.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ