„Министерството за внатрешни работи (МВР) распиша меѓународна потерница по Саитов Саит (18) од Скопје, од татко Берти и мајка Ганимете од Скопје. Лицето е барано по централна и меѓународна потерница по барање на ОЈО Скопје за кривично дело по член 300 од Кривичниот законик“, наведува МВР.
На 10 јануари јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 18-годишникот, а уште две лица се осомничени дека му помогнале по извршувањето на кривичното дело.
Саит Саитов го управувал автомобилот без да поседува важечка возачка дозвола. Со возилото удрил во Љуба Јаковлеска, која како пешак попречно го поминувала коловозот. Од ударот и падот на коловозот жената се здобила со тешки телесни повреди, а осомничениот без да и укаже помош веднаш го напуштил местото на настанот. Жртвата била префрлена во Ургентниот центар каде и покрај укажаната медицинска помош починала. Другите двајца осомничени, маж и жена, му помогнале на Саитов да ја напушти државата, пренесувајќи го со својот автомобил преку граничниот премин Табановце. Тие се лишени од слобода по враќањето во земјава и за нив јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор. Притворска мерка е побарана и за осомничениот возач кој е во бегство и за него притворот ќе почне да се спроведува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.






