среда, 25 март 2026

Приведени седум лица за семејно насилство

Приведени се седум лица, а со двајца е извршен службен разговор за семејно насилство од вкупно 10 пријави во Скопје, Охрид, Тетово, Куманово, Струмица, Прилеп, Кавадарци и Велес во последното деноноќи, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Објавено на

часот

Сподели

Најсериозните случаи се регистрирани во Скопје и Охрид. Во Кисела Вода е приведен 42-годишен скопјанец поради физички напад врз неговата сопруга, која според пријавата и претходно била малтретирана. Во Охрид, 44-годишен маж е лишен од слобода откако физички го нападнал својот 10-годишен син, иако против него веќе имал изречени заштитни мерки.

Службени разговори се спроведени со двајца охриѓани – еден 37-годишен и еден 60-годишен – по пријави дека физички ги нападнале своите сопруги.

Во Тетово е приведен 39-годишен жител на гостиварско село поради агресивно однесување и нарушување на јавниот ред и мир. Во Струмица е задржан 29-годишен маж кој физички ја нападнал сопругата.

Слични инциденти се регистрирани и во Прилеп, каде жителка пријавила напад од сопругот со тврд предмет, во Кавадарци каде 19-годишен маж се заканувал на својата поранешна малолетна девојка, како и во Велес каде 57-годишен маж подолг период психички и физички ја малтретирал сопругата и децата.

Во Куманово, пак, е лишена од слобода 50-годишна жена по пријава дека физички го нападнала својот сопруг.

Од МВР велат дека полицијата презема мерки за целосно документирање на случаите, по што против сторителите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ