Спасовски во гостување на телевизија „Телма”, зборувајќи за убиството на ракометарот Даниел Тот, појасни дека пријавата во Брзата помош е утрото во 3 и 30 часот од вработена во објекткот, додека во МВР пријавуваат од Клинички во 4 и 11 минути дека е примено лице, пронајдено во бесознание на јавна површина, и дека од тој момент се вклучува екипа од МВР и започнуваат активности и дејствија за расчистување на случајот.
– Во ниту еден момент не е застанато со истрагата и покрај тоа што од Клиничкот центар е укажано дека нема видливи траги на наилство, колегите од МВР продолжуваат со прибирање на докази и ние практично во рок од 24 часа го откриваме целиот случај и обезбедени се сите материјали, меѓу кои и од камерите на „Сејф сити” и се предадени на ОЈО, изјави Спасовски.
Снимката што ја виде јавноста, Спасовски појасни дека е од сосема друг агол, додека сите снимки се извадени и од објектот и од „Сејф сити” и се предадени на ОЈО. Од нив, според Спасовски, може да се види кој се учествува во настанот.
– Постојат очевидци и сведоци кои се повикани на разговор и се земени изјави. Секако ќе се прави вештачење на облеката и предметите на сега починатиот, како и таа на сега осомничените и сите тие ќе бидат дел од доказниот материјал на предметот, изјави Спасовски.
Прашан дали ќе се бара одговорност и од сведоците, кои како што може да се види од снимката, не преземале ништо и не го пријавиле случајот, Спасовски рече дека секој еден што има каква било одговорност ќе биде санкциониран, како и дека ќе се ценат сите аспекти преку ЈО.






