Како што информираат од полицијата, денес околу 6:40 часот, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога и оружје извршиле претреси во куќи, помошни простории и патнички возила во селото Брвеница, врз основа на претходно издадени судски наредби. Притоа биле приведени И.Ј. (43), С.З. (36), Д.П. (69), Д.П. (65) и С.З. (42), сите жители на селото.
За време на претресите, кај И.Ј. биле пронајдени пет паковки со бела прашкаста материја, 52 куршуми од автоматска пушка калибар 7.62, два куршуми од пиштол од непознат калибар и една чаура од автоматска пушка. Кај С.З. (36) биле пронајдени 20 куршуми од автоматска пушка калибар 7.62, пиштол и рамка со два куршуми кои ги поседувал без дозвола, како и дигитална вага со остатоци од бела прашкаста материја.

Полицијата информира дека кај Д.П. (69) бил пронајден пиштол без дозвола, како и ловен карабин, ловна пушка и пиштол за кои поседувал дозвола.
Кај Д.П. (65) биле одземени два списка и тетратка со имиња на лица, два компјутери, како и поголема сума пари – околу 31.640 евра, 3.400 швајцарски франци и 56.500 денари. Кај С.З. (42) е пронајдена бела прашкаста материја.
Приведените се задржани во полициска станица за понатамошна постапка, а по целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци за кривични дела по член 396 и член 215 од Кривичниот законик.






