Според информациите од МВР, на 26 јануари 2026 година првопријавениот М.З. од лице од Струга купил моторно возило опел комбо со швајцарски национални ознаки, во кое заедно со И.Б. сместиле наркотична дрога – марихуана. Потоа го ангажирале Г.Б. да го шлепува возилото од Струга до Скопје за надомест од 200 евра, бидејќи не било во возна состојба.
По пристигнувањето во Скопје, М.З. и И.Б. побарале од Г.Б. за дополнителни 40 евра да продолжи со транспортот до Свети Николе, при што опел комбо било шлепувано зад товарно возило ивеко, додека тие се движеле со патничко возило мерцедес.
На регионален пат во близина на Свети Николе, полициски службеници, постапувајќи по претходно добиени оперативни информации за транспорт на поголема количина дрога, го запреле товарното возило и при преглед на задната клупа и багажниот простор на шлепуваното „опел комбо“ пронашле осум торби со вкупно 50 пакувања марихуана.
По извршеното вештачење во Одделот за форензички испитувања при МВР, утврдено е дека се работи за околу 150 килограми марихуана.






