Синоќа полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода М.Н. од Куманово затоа што при преглед кај него биле пронајдени над 500 парчиња разновидни пиротехнички средства. Тој е приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
Два часа после полноч пак, на Широк сокак во Битола, полициски службеници од СВР Битола од двајца 14-годишни малолетници одзеле околу 100 парчиња пиротехнички средства.
„По целосно документирање на настанот, против нив ќе следува соодветна пријава“, велат од МВР.
Во меѓувреме, во СВР Штип било пријавено дека на тврдината Исарот, при палење огномет се повредил В.Г. од Гостивар, овластен пиротехничар од фирма од Гостивар, кој имал одобрение за изведба на огномет.
„Тој се здобил со тешка телесна повреда, констатирана во Клиничка болница Штип. За настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип, а увид извршила увидна екипа од СВР Штип“, информираа од МВР.
А во Скопје, половина час пред дочекот на Нова година, од Ургентниот центар при Комплекс клиники „Мајка Тереза“ е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 12-годишник од Скопје.
Според пријавеното, околу 23 часот во парк на подрачјето на општина Аеродором во Скопје, на малолетникот му пукнала петарда во рака, која ја тргнал со рака да не му падне на глава, а била фрлена од негов соученик.






