недела, 14 декември 2025
Се повеќе се слави со оружје во рака

Од радост до трагедија: пукањето на прослави уште се практикува иако е казниво, а и смртоносно

Пукањето на веселби стана многу честа појава. За некои тоа е „традиција“ или начин да се покаже возбудата од настанот, но последиците можат да бидат кобни. Еден единствен залутан куршум може да одземе живот или да предизвика непоправлива штета.

Објавено на

часот

Сподели

Во текот на 2025 година, во Министерството за внатрешни работи се пријавени 25 случаи на пукање на свадби, семејни веселби и прослави на отворено.

Од преземените мерки, за еден случај поднесени се две кривични пријави против двајца сторители за „тешки дела против општата сигурност“ и „предизвикување општа опасност“. Дополнително, поднесени се и три прекршочни пријави по член 31 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир – „неовластено пукање од огнено оружје, употреба на пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин нарушување на мирот и безбедноста на граѓаните“.

МВР информира дека постапува по сите пријави – во 15 случаи не било утврдено пукање, а шест случаи сè уште се расчистуваат и документираат.

Но, ваквите прослави знаат да завршат трагично. Во 2017 година, на свадба во кумановско Липково, 19-годишно момче од Германија, со потекло од Србија, почина откако беше погодено со залутан куршум во градниот кош. Според МВР, околу 22:45 часот, 63-годишен гостин на прославата, со нелегално поседуван пиштол калибар 9 мм, испукал неколку куршуми, од кои еден го погодил младото момче. Иако веднаш било пренесено во болница во Куманово, им подлегнало на повредите.

Пукањето на веселби не само што е опасно и казниво, туку станува и предмет на фалење на социјалните мрежи, каде се објавуваат фотографии и видеа од вооружени гости. Често, залутаните куршуми завршуваат во дворови, куќи или автомобили, а среќата што нема повредени во некои случаи е единствената пречка да не се повтори трагедија.

На 31 јули 2025, кумановската полиција ги лиши од слобода С.М. (30) и С.М. (25), поради пукање на семејна веселба. При претрес во нивниот дом биле пронајдени и одземени два пиштоли, за кои се сомнева дека биле користени во настанот. И додека вакви примери има многу, надлежните апелираат дека без разлика на поводот, пукањето на прослави е сериозен ризик за животот и безбедноста на луѓето и мора да биде искоренето.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ