Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против Д.Г. од село Митрашинци, беровско, поради сомнение за сторено кривично дело насилство. Според пријавата, на 12 ноември 2025 година во продажен објект во селото, пријавениот со остар предмет упатувал закани кон Т.М.
Во Скопје, полицијата евидентираше повеќе одвоени случаи на насилство. Во семеен дом во општина Аеродром, 48-годишна жена пријавила дека била физички нападната од нејзиниот 79-годишен татко, кој ѝ упатувал закани со остар предмет и притоа сам се повредил. Подоцна, и 79-годишниот маж пријавил дека ќерката насилно му го одзела мобилниот телефон, по што дошло до туркање и физички напад од неговиот зет. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Пријави за насилство имало и во неколку основни училишта во Скопје. Мајка од Чаир пријавила дека нејзината 14-годишна ќерка била физички нападната од соученичка, додека татко од Ѓорче Петров пријавил дека неговиот 13-годишен син бил претепан од друг ученик и се здобил со тешки телесни повреди. Дополнително, во двор на училиште во Чаир 15-годишник бил нападнат од неколку малолетници од друго училиште.
Во Драчево, пак, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка меѓу две жени од Скопје, а во Аеродром била приведена 51-годишна жена поради агресивно однесување кон полициски службеници. По целосно документирање на сите случаи ќе следуваат соодветни поднесоци.






