Пријавата е доставена до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализираното одделение за кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и затворска полиција. С.Д. се сомничи за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ по член 396 од Кривичниот законик.
МВР соопшти дека при личен претрес и претрес во службени простории, извршен по судска наредба од Основниот кривичен суд Скопје, биле пронајдени и одземени муниција и солзавец за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело.
Покрај кривичната пријава, Одделот за внатрешна контрола против С.Д. поднел и предлог за покренување дисциплинска постапка за кршење на работната дисциплина. Воедно, изречена му е задолжителна мерка, отстранување од работното место до завршување на постапката.
Институциите велат дека постапката е во тек и најавуваат целосно расчистување на случајот.