понеделник, 23 февруари 2026

На Деве Баир откриени фалсификувани документи, пријави за лажни таблички и зеленa картa

Полицијата поднесе кривични пријави против две лица во одвоени случаи на користење фалсификувани исправи, откриени при гранични контроли и сообраќајни проверки на југот и истокот од државата.

Објавено на

часот

Сподели

Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Гевгелија поднело кривична пријава против Н.К. од Валандово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело фалсификување исправа.

Според информациите, на 24 јануари 2026 година во селото Казандол, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Стар Дојран сопреле патничко возило југо управувано од пријавениот. При извршената контрола било утврдено дека регистарската табличка поставена на возилото потекнува од друго возило, по што биле преземени законски мерки.

Во одделен случај, на 23 февруари 2026 година, еден час после полноќ, на граничниот премин Деве Баир, на влез во државата, полициски службеници го лишиле од слобода А.У. од Турција.

„При гранична контрола на товарно возило даф со полуприколка со турски национални ознаки, кое го управувал, било утврдено дека возачот приложил фалсификувани меѓународни зелени карти. По откривањето на неправилностите, лицето било предадено на полициски службеници од Полициската станица Крива Паланка. По целосното документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава“, соопшти МВР.

Оттаму информираат дека контролите на граничните премини остануваат засилени, особено во делот на откривање фалсификувани документи и спречување прекуграничен криминал, со цел зголемување на безбедноста во патниот и транспортниот сообраќај.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ