Според полициското соопштение, Ж.Г. од тетовското село Брвеница во средата на 25 март околу 18:30 часот по вербална расправија во домот на К.М. во Охрид, физички го нападнал, а потоа го задушил со раце.
„Телото на жртвата вчера изутрината во 8:24 часот беше пронајдено во неговата семејна куќа на улицата Нада Филева во стариот дел на Охрид“, информираа од МВР.
СВР – Охрид, по преземени мерки и во координација со МВР и јавен обвинител, во текот на вчерашниот ден распиша централна потерница по што осомничениот во 17:20 часот беше пронајден во селото Брвеница и лишен од слобода.
Од МВР додаваат дека сѐ уште не се познати мотивите за злосторството, но првичните околности укажуваат на убиство од користољубие.
ОД Јавното обвинителство информираа дека Основното јавно обвинителство (ОЈО) Охрид донело наредба за спроведување истрага за кривично дело убиство.
„На 25 март, осомничениот 53-годишник од тетовска Брвеница од користољубие лишил од живот едно лице. Делото го извршил во куќата на оштетениот во Охрид, со цел да го спречи сега починатиот Климе Митрески да го раскине договорот за доживотна издршка кој го склучиле кај нотар во февруари 2025 година. Според договорот, осомничениот по смртта на оштетениот требало да добие голем имот. По вербална расправија околу одлуката на оштетениот да го раскине договорот, осомничениот од зад грб физички го нападнал, го совладал на подот и го удрил со бокс неколку пати во главата. За цело време го држел оштетениот со едната рака преку устата и носот со што му го спречил дишењето и кај него предизвикал смрт. Откако се уверил дека жртвата не дава знаци на живот, го напуштил местото“, информираа од Јавното обвинителство.
Оттаму појаснуваат дека целиот настан е снимен од видео надзорот поставен во куќата на убиениот Митрески, а во текот на претходната постапка обезбедени биле и други снимки од видео надзор за неговото движење, како и други материјални докази.
„Во конкретниот случај сомненијата упатуваат на особено тешко кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор, што го прави ризикот од бегство значителен, а од извршувањето на делото осомничениот веќе презел дејствија за прикривање на трагите. Имајќи ги предвид овие околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство и можност осомничениот да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, сокривање или уништување на трагите на кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор“, соопштија од Јавното обвинителство.






