петок, 20 февруари 2026

Лажни брендови и телефонски измами: нови случаи со измамени граѓани, МВР апелира на внимателност

Кривична пријава за продажба на фалсификувани производи, додека две повозрасни лица останаа без илјадници евра во нов бран измами. Полицијата регистрира нови случаи на измами во земјава, при што граѓани од Радовиш и Неготино биле оштетени за значителни парични суми и вредни предмети. Надлежните институции информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настаните, а дел од сторителите веќе се соочуваат со кривични пријави.

Објавено на

часот

Сподели

СВР Струмица поднесе кривична пријава против Г.Б. од Радовиш поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело измамување купувачи.

Според информациите од полицијата, на 10 февруари и во два наврати на 18 февруари 2026 година, пријавениот заедно со својот малолетен син пуштиле во промет производи со ознаки на позната марка, кои не одговарале на потеклото и квалитетот на оригиналните производи. Целта била да се доведат во заблуда купувачите на подрачјето на Радовиш.

На овој начин тие се стекнале со противправна имотна корист од околу 250 евра и златен накит, кој бил прифатен како средство за наплата наместо пари.

„На 18 февруари, полициски службеници ги затекнале осомничените во Радовиш во патничко возило пежо со скопски регистарски ознаки. При извршен преглед на возилото биле пронајдени и одземени повеќе комплети со ознаки на позната марка, додека при личен претрес биле одземени пари и златен накит за кои постои сомнение дека потекнуваат од измамите“, информираа од МВР.

Во одделен случај, на 19 февруари 2026 година во 12:30 часот, 76-годишен жител на Неготино пријавил дека бил измамен за сума од 4.000 евра.

Според пријавата, непознато лице побарало од него да му ги даде парите за наводно да му ги покаже на друго лице – претставено како странски државјанин – со цел да докаже дека еврото е валидна валута во земјава. Откако оштетениот ги предал парите, добил чанта со катанец како „гаранција“ дека лицето ќе се врати.

Кога подоцна ја отворил чантата, сфатил дека бил измамен, па пријавил во полиција.

Истиот ден, во 17:15 часот, 81-годишна жителка на Неготино пријавила телефонска измама во која изгубила 3.000 евра.

Непознато лице ја контактирало телефонски, претставувајќи се како лекар, и ѝ соопштило дека нејзината ќерка наводно се наоѓа во болница со скршеница и дека итно е потребна операција. Исплашената жена ги оставила парите на претходно договорено место, по што подоцна сфатила дека станува збор за измама.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат активности за идентификација на сторителите во случаите од Неготино, а истовремено апелираат граѓаните, особено повозрасните лица, да бидат внимателни при сомнителни понуди, телефонски повици и барања за итна исплата на пари.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ