Како што информираше МВР, пријавените се сомничат дека сториле кривични дела – злоупотреба на службената положба и овластување, предизвикување опасност при градежни работи, како и кривично дело несовесно работење во службата.
„Имено првопријавениот Г.Г. на 14.12.2020 година, во својство на одговорно лице во третопријавеното правно лице и во својство на одговорно лице при проектирање на градежни работи, односно реконструкција на кров на ООУ ‘Петар Мусев’ во Богданци и изработка на проект за реконструкција на кров, постапил спротивно на прописите за механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита, односно постапил спротивно на член 4 и член 4-а став 2 од Законот за градење и иако бил должен, не ја извршил својата должност, односно не обезбедил мислење за проектиран степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата, со што предизвикал опасност за животот и телото на луѓето, односно учениците и вработените во ООУ ‘Петар Мусев’ Богданци. Воедно, предизвикал штета на буџетот на РСМ (Министерство за образование и наука) во износ од 12.678.049.00 денари, како и на буџетот на општина Богданци во износ од 129.800 денари“, информираат од МВР.
Второпријавениот И.Т. пак, на 14.12.2020 година, во својство на одговорно лице при проектирање на градежни работи, односно реконструкција на кровот на ООУ „Петар Мусев“ и изработка на проект за реконструкција на кров исто така постапил спротивно на прописите за механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита, односно постапил спротивно на член 4 и член 4-а став 2 од Законот за градење со што предизвикал опасност за животот и телото на луѓето, односно учениците и вработените во ООУ “Петар Мусев“ Богданци, предизвикувајќи штета на буџетот на РСМ и на општината Богданци.
„Четврто и петопријавените , пак Љ.Т. и Л.Г. во својство на одговорни лица при вршење на ревизија на основниот проект за реконструкција на ООУ ‘Петар Мусев’, очигледно несовесно постапувале во вршењето на своите овластувања и должности како овластни ревиденти и пропуштиле во ревидентскиот извештај да констатираат дека прво и второпријавените лица – проектанти, постапиле спротивно на член 4 од Законот за градење. Односно констатирале дека основниот проект е задоволително стручно изработен во согласност со важечките прописи и норми со што постапиле спротивно на член 21 став 2 од Законот за градење и овозможиле на пријавеното правно лице да се стекне со имотна корист во износ од околу 129.800 денари, а дополнително, било причинета штета на буџетот на РСМ во износ од 12.678.049.00 денари“, се наведува во соопштението на МВР.
Инаку, СВР Струмица, односно ОВР Гевгелија продолжува со преземање на мерки и активности во врска со конкретниот случај за утврдување на евентуална инволвираност на други лица во истиот, односно за докажување на нивна одговорност, а се во насока на целосно расчистување на случајот.