Полицијата поднесе кривични пријави и приведе повеќе лица во одделни акции поврзани со недозволена трговија со наркотични дроги во Битола и Скопје, информираат од Министерството за внатрешни работи.
СВР Битола поднесе кривична пријава против Р.С. од Битола поради сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Според информациите, на 13 февруари 2026 година полициски службеници извршиле претрес во неговото возило, при што била пронајдена и одземена марихуана.
Во одделен случај, СВР Скопје поднесе кривична пријава против Ж.К., кај кого при полициски преглед во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, на 24 октомври 2025 година, биле пронајдени кокаин и таблети метилен диоксиметафетамин (МДМА). И во овој случај постои сомнение за истото кривично дело поврзано со недозволена трговија со дроги.
Дополнително, во периодот меѓу 28 февруари и 1 март 2026 година, полициски службеници од СВР Скопје лишиле од слобода четири лица – тројца скопјани на возраст од 24, 27 и 35 години и едно лице од Прилеп на возраст од 30 години. При полициските контроли на различни локации кај нив била пронајдена и одземена марихуана.
Од полицијата информираат дека по целосно документирање на сите случаи ќе следуваат соодветни поднесоци, а активностите за откривање и спречување на недозволената трговија со наркотични средства продолжуваат и во наредниот период.






