„На 4 април ОВР Македонски Брод при СВР Битола до Основното јавно обвинителство Кичево поднесе кривична пријава против Б.С.(64) од Македонски Брод поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „силување на дете кое не наполнило 15 години“. Б.С. се сомничи дека на 3 април во Македонски Брод бакнувал и допирал по телото малолетно девојче од Македонски Брод“, информираат денеска од МВР.
Оттаму појаснуваат дека на настанот што се случил на 3 април му претходел ист таков настан на 7 март од Б.С. кон истото девојче, за што од страна на очевидци било пријавено во Центарот за социјални работи во Македонски Брод, но од нивна страна не биле преземени никакви мерки. За ова, нагласуваат од МВР, ќе следат дополнителни активности за целосно расчистување на настанот.
Од страна на судија на претходна постапка на Б.С. му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена, по што е спроведен во Затвор Битола.