Александар Иванов генерален секретар на ФК „Брегалница“-Штип во изјава за МИА вели дека инцидентот се случил на 87 или 88 минута, токму при крај на натпреварот, кога на фудбалер со број 9 од ФК „Скупи“ му бил доделен црвен картон од страна на судијата.
„По што тој нападна еден од нашите играчи и му удари бокс, а потоа влегоа неколку родители на децата од „Шкупи“ и почнаа да ги напаѓаат нашите деца од ФК „Брегалница“. Едно од нападните деца е претпоставувам со скршен нос, му тече крв од носот. Друг играч има повреда на ногата и двете деца се во болница“, вели Иванов.
Тој појаснува дека тројца родители на фудбалери од „Шкупи“ ги нападнале фудбалерите на „Брегалница“, по што влегле и нивните родители. Потврдува дека еден од тројцата родители е приведен во Полициска станица-Штип, бидејќи замавнувал со боксови и ударал клоци на 15 годишните фудбалери. Иванов вели дека за првпат се случува на терен родител да нападне малолетник фудбалер.
Раководството на ФК „Брегалница“-Штип го осудува овој инцидент што се случи на денешниот натревар меѓу младите фудбалери на „Брегалница“ и „Шкупи“. Надлежните од МВР го потврдуваат инцидентот, што се случи на стадионот „Бело Брдо“ во Штип, а во текот на денот се очекуваат подетални информации.






